24фудбал

Солшер во Атлетико Мадрид ја има примарната желба, со 135 милиони фунти ќе руши клупски рекорд

Атлетико Мадрид приреди мини-изненадување во првата фаза од нокаут рундата во Лигата на шампионите, а еден фудбалер на „Јорганџиите“ посебно беше нотиран во белешките на скаутите на Манчестер јунајтед, клуб кој од поодамна е „загреан“ за неговиот потпис.

Англија

По скандалот со Џек Грилиш, откако ѕвездата на Астон Вила најпрво апелираше граѓаните на Островот да останат во своите домови, за потоа да тој самиот да ги прекрши препораките, да отиде на забава до доцните часови, а скандалот да биде уште поголем, удрил со своето возило во други возила, веројатно е дека во Манчестер јунајтед сега ќе следи сериозна дискусија за тоа колку би бил паметен потегот да се ангажира таков фудбалер.

Како и да е, сосема неповрзано со случајот со Грилиш, „Дејли Стар“ наведува дека предводникот на „Црвените ѓаволи“, Оле Гунар Солшер добил позитивни сигнали клубот да тргне по фудбалерот на Атлетико Мадрид, Саул Нигез.

Како што пишуваат на Островот, расте заинтересираноста кај тимот од „Олд Трафорд“ за ангажман на 25 годишниот фудбалер на „Јорганџиите“ кој имаше голем удел во елиминацијата на европскиот првак Ливерпул уште во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Дека во Манчестер јунајтед се „загреани“ за неговиот потпис не е ништо ново, меѓутоа овој пат „Дејли Стар“ наведува дека токму Саул ќе биде нивната примарна желба во идниот преоден рок, а наводно постои и план како да се дојде до потписот вреден 135 милиони фунти, со што би се урнал клупскиот рекорд.

Иако одредени медиуми пишуваат дека во Манчестер јунајтед дури и постои идеја да се задржи Пол Погба, сепак, очекувањата се Французинот да си замине, а Реал Мадрид е неговата прва опција, па од оваа продажба на 27 годишниот фудбалер клубот да заработи 100 милиони фунти, тоа би било еден вид компромис помеѓу обете страни, ако се земе во предвид дека договорот на Погба истекува идното лето, иако постои опција за дополнителни 12 месеци.

Актуелниот договор на Саул со Атлетико Мадрид е со важност до 2026. година, со откупна клаузула во истиот која изнесува 135 милиони фунти, а со евентуален ангажман на Саул, Манчестер јунајтед би поставил клупски рекорд во трансферите по оној на Погба во 2016. година вреден 89 милиони фунти.

Саул е оценет како профил на фудбалер од светска класа, иако релативно млад, талент кој Солшер сака да го вметне во плановите за да го врати клубот на старите патеки, дополнително, „Дејли Мејл“ пак наведува дека големи се очекувањата тој брзо да се адаптира на играта покрај Бруно Фернандеш, кој се покажа како голем потег на Манчестер јунајтед во јануарскиот преоден рок.