24фудбал

Виси иднината на Роналдо поради коронавирусот, три опции за Јувентус и ЦР7

Медиумите од Италија пренесуваат дека кризата која настана од пандемијата на коронавирус донела многу прашалници за иднината на Кристијано Роналдо, Португалецот би можел да замине од Торино.

Италија

Ковид 19 го суспендираше фудбалот, клубовите полека ги бројат загубите, се намалуваат платите на играчите за да не дојде до колапс, и се прават луди сценарија за финиш на првенствата за колку толку да се спаси сезоната и барем да се соберат парите од ТВ правата.

Последици ќе се чувствуваат и на долг рок, се погласни се размислувањата дека фудбалот нема да биде ист во следните години, односно клубовите нема да можат да си ги дозволат лудите трансфер суми со кои се расфрлаа во последните неколку сезони, како и високите плати на играчите.

Според пишувањата на Ил Месаџеро, кризата од пандемијата на коронавирс носи многу прашалници за иднината на Кристијано Роналдо во Јувентус.

Португалецот е далеку најплатениот играч во Калчото со примања од 31 милион евра по сезона (бруто плата од околу 60 милиони евра) и постојат сомнежи дека „старата дама“ во иднина тешко ќе може да си дозволи ваква сума.

Па Јувентус и ЦР7 имаат три опции. Првата е трансфер во странство кој ќе изнесува најмалку 70 милиони евра. Втората опција значи продолжување на договорот но со далеку помала плата. Последна опција е Кристијано Роналдо во целост да го одработи сегашниот договор до 2022 година без да се корегира латата.