24фудбал

Село гори, баба се чешла: Ешли и Леви мува не ги лази, а Премиерлигашите стравуваат од правни консеквенции

Њукасл и Тотнем повлекоа потези кои ја разбранија јавноста на Островот, а Премиерлигашите стравуваат од правни консеквенции во случај да повлечат радикални чекори околу платите на фудбалерите, а преговорите на таа тема се уште течат.

Англија

Бурни реакции на Островот донесоа потезите од Њукасл и Тотнем, поточно од Мајк Ешли и Даниел Леви, обајцата немаат некое позитивно мислење кај јавноста, а нивните последни потези ја згрозија целокупната јавност.

За осмиот најбогат фудбалски клуб на земјата да побара рака за помош од владата за таа да им ги исплаќа платите на работниците во клубот може да се нарече невидена ПР грешка“ пишува Дејв Кид во својот коментар на „Сан“, притоа наведувајќи дека е неразбирливо ова барање на самиот Даниел Леви кој на денот на објава на неговите огромни 7 милиони фунти заработка од ланската финансиска година, донесе ваков потег кој ја разбрани тамошната јавност.

Меѓутоа, „Спарси“ не се првиот клуб од Премиерлигата кои аплицираа до властите во Англија да ги подмират трошоците на работниците во клубовите во периодот на „застојот“ на фудбалот, сопственикот на Њукасл, Мајк Ешли го стори истото само 24 часа претходно.

Ешли целиот не-фудбалски персонал во клубот најпрво го стави во една доста неизвесна ситуација, за потоа да аплицира до владата, барајќи од неа да ги покрие трошоците до 80% од платите на работниците.

„Дејли Мејл“ пак, пишуваше за начинот на кој Премеирлигашите се справуваат со големата криза од финансиски карактер, а истата се однесува на тоа што се плашат да допрат до платите на фудбалерите, од причина што може да настане бунт од нивна страна.

Освен револт, „Дејли Мејл“ наведува дека клубовите би можеле да бидат подложни и на правни консеквенции, доколку фудбалерите се решат на таков чекор, а евентуално намалување на платите кај фудбалерите, без нивна согласност, би можело да доведе и до можност кај самите фудбалери да си заминат од клубовите без никакво обештетување.

Изминатиов период во тек се преговори помеѓу Премиерлигата, асоцијацијата на професионални фудбалери, како и самите клубови, околу постигнување на колективен договор, а на оваа тема „Дејли Мејл“ наведува дека ѕвездите од Премиерлигата наводно се отворени да подадат рака за намалување на платите, меѓутоа се во исчекување на епилогот од преговорите.