24фудбал

Роналдињо со исповед: Не замислував дека ќе завршам зад решетки... целиот живот се трудев да им донесам среќа на луѓето

Роналдињо вели дека бил прилично погоден од информацијата дека ќе мора во затвор, Бразилецот верува во својата невиност и се надева дека наскоро ќе заврши кошмарот во кој се најде.

Јужна Америка

Поранешната ѕвезда на ПСЖ, Барселона и Милан и неговиот брат во март завршија зад решетки во Парагвај откако влегоа во земјата со фалсификувани пасоши. На почетокот од април, двајцата се изборија за домашен притвор во хотел во Асунсион откако понудија кауција од 1,6 милиони долари.

Во разговор со весникот АБЦ Колор, Роналдињо сега за прв пат проговори за ситуацијата во која се најде.

„Бевме изненадени кога дознавме дека документите се нелегални. Веднаш решивме да соработуваме со полицијата и обвинителството за да се разјаснат фактите.  Сторивме се што беше побарано од нас“ – открива популарниот Дињо.

„Бев прилично погоден кога ми кажаа дека ќе одам зад решетки, никогаш не замислував дека ќе се најдам во ваква ситуација. Целиот мој живот се трудев со напорна работа да дојдам до врвот и на луѓето да им носам среќа со своите фудбалски мајстории“.

И покрај тешката ситуација во која се најде, Бразилецот нема ништо против Парагвајците, а својата животна фолозофија ја применил и зад решетките.

„Да играм фудбал, да давам автограми и да се фотографирам со фановите е дел од мојот живот. Па немаше потреба да престанам да ги правам овие работи и во затвор, особено што бев обиколен од луѓе кои минуваат низ тежок период“.

„Нема ништо против Парагвајците, од првиот момент кога дојдов тука, па се до денеска, ја чувствувам нивната топлина, љубов и почит. И многу сум им благодарен. Имам верба. Секогаш се молам за работите да испаднат добро и се надевам дека наскоро ќе излезам од овој кошмар“.

Запрашан што прво ќе направи по надминувањето на проблемите, Роналдињо вели: „Ќе ја прегрнам мајка ми и ќе ја бакнам“.