24фудбал

Аргентина го прекина фудбалското првенство, испаѓање нема да има во следните две години

Фудбалската федерација на Аргентина одлучи да го прекине првенството поради кризата со коронавирус.

Јужна Америка

По Белгија и Холандија, Аргентина е третата земја која одлучи да го прекине фудбалското првенство.

„Сите натпреварувања се прекинуваат, утре одлуката и официјално ќе биде ратификувана од извршниот комитет кој ќе се состане преку видео конференција“, изјави претседателот на Фудбалската федерација на Аргентина, Клаудио Тапиа.

„На теренот ќе се вратиме кога здравствените власти ќе ни дадат зелено светло. Накратко, ќе играме кога ќе има услови“.

Бока Јуниорс во март веќе беше крунисана за шампион на Суперлигата. Вториот дел од сезоната, Копа дела Суперлига само што беше почнат и требаше да се игра до 31 мај. 

Тимот на Марадона, Гимназија Ла Плата заврши на 19 место од 24 тимови.

Донесена е одлука во наредните две сезони да нема испаѓање од лигата, а по две екипи од втората лига да се пласираат во елитата. Тоа значи дека Суперлигата на Аргентина во следната сезона ќе има 26 тимови, а во 2021/22 ќе има 28 екипи.