24фудбал

ПСЖ е подготвен во друга земја да ги игра натпреварите од Лигата на шампионите

Франција денеска донесе одлука да нема спорт до крајот на август, ги суспендираше сите првенства, но проблем имаат ПСЖ и Лион кои настапуваат во Лигата на шампионите.

Лига на Шампиони

Лион можеби и нема да се соочи со проблем бидејќи треба да одигра реванш осминафинален натпревар со Јувентус, па ако загуби ќе биде елиминиран, но ПСЖ е во четвртфиналето и ќе има домашна пресметка.

Одлуката на француската влада не им дозволува да играат фудбалски натпревар на домашен терен, но ПСЖ нема намера да се откаже, претседателот на клубот е подготвен неговиот тим да биде домаќин надвор од Франција.

„Ја почитуваме одлуката на владата, но сакаме и да продолжиме да настапуваме во Лигата на шампионите. Ако тоа не е можно во Франција, тогаш ќе играме во друга држава каде што ќе може да биде гарантирана безбедноста на сите учесници“, изјави претседателот на ПСЖ, Насер Ал Келаифи.

ПСЖ ќе треба порано да замине од Франција, бидејќи нема да бидат дозволени ниту групни тренинзи до крајот на август, па тимот ќе треба во друга држава да се подготвува.

УЕФА има план Лигата на шампионите и Лига Европа да се одигра во август, но сето тоа ќе зависи од актуелната состојба со коронавирусот и мерките на властите ширум Европа.