24фудбал

ПСЖ подготвува две барања до Интер, а се однесуваат на иднината на Икарди

Во текот на вчерашниот ден во Италија известија дека Арсенал посакал трампа за Икарди во која би бил приклучен Пјер-Емерик Обамејанг, а интерес за Аргентинецот уште имаат и Јувентус и Наполи.

Франција

Францускиот првак ПСЖ ќе побара од Интер продолжување на позајмицата на напаѓачот Мауро Икарди, или да се намали опцијата за откуп на договорот на Аргентинецот од 70 на 50 милиони евра, тврди „ЛЕкип“.

Икарди имаше добри изданија во дресот на ПСЖ, постигнувајќи 20 погодоци, а дополнително запишувајќи и четири асистенции зад своето име на 31 натпревар досега, меѓутоа и покрај тоа што го пренесе францускиот весник, не е јасно дали би останал на подолг рок во ПСЖ.

Во моментов ПСЖ има опција да го откупи договорот на Икарди за 70 милиони евра, меѓутоа сега шпекулациите велат дека од тој клуб сакаат да преговараат за да се намали таа сума, а дека за Икарди нема иднина во тимот на „Нероаѕурите“, тоа од поодамна е јасно.

Од ПСЖ досега на Интер му исплатија 13 милиони евра за едногодишната позајмица, а се верува дека Интер сака негова продажба, од причина што напаѓачот не е во плановите на тренерот Антонио Конте.

Како и да е, интерес за услугите на Икарди пријавија и Јувентус и Наполи, меѓутоа се шпекулира дека Интер во преговорите претходно издејствувал да вметне клаузула во која евентуална продажба на Икарди од страна на ПСЖ на некој од клубовите во „Серија А“ ќе значи и плаќање пенали за францускиот првак.