24фудбал

„Повеќе сакам да бидам стартер во Вотфорд отколку да дремам на клупа во Барселона“

Жерард Деулофеу проговори за времето поминато во Барселона, не му се допаѓа тоа што од мали нозе на членовите на „Ла масиа“ им се става голем притисок со тоа што ги најавуваат како новиот Меси или новиот Иниеста.

Шпанија

Жерард Деулофеу важеше за еден од најголемите таленти во својата генерација, му се предвидуваше голема кариера, па дури и се најавуваше како новиот Лео Меси. Шпанецот како тинејџер дебитираше за првиот тим, но тука застана. Следуваа авантури во Евертон, Севиља и Милан за во сезоната 2017/18 да добие нова шанса на Камп Ноу.

Не ја искористи ниту втората прилика, па заврши во Вотфорд, каде успеа да се наметне и да се промовира во еден од подобрите играчи на овој клуб.

„Кога сте млад и играте за Барса, многу очи се вперени во вас. Многу луѓе мислат дека ќе бидете новиот Иниеста, или новиот Меси... новата фудбалска ѕвезда. И тоа е тешко, кога сте млад треба да работите спокојно, без притисок. Треба да учите, но некој луѓе зборуваат премногу и креираат сонови кои тешко можете да ги остварите“ – вели Жерард Делофеу во разговор со БеИН Спортс.

„Јас сум тип на играч кој не сака да дреме на клупа. Сакам да играм, и не ми прави разлика дали тоа е во Барса, Баерн или Вотфорд. Сакам да сум на теренот и да бидам среќен. Повеќе сакам да бидам стартер во Вотфорд отколку да бидам резерва во Барса“.

„Горд сум што ја поминав школата на Барса и таму се оформив како играч, научив многу, но на сите им е јасно дека не покажав доволно во првиот тим. Целта ми беше да играм за првиот тим, и за жал не ја остварив. Не е лесно, играте добро во Барселона Б, давате голови, но знаете дека за место во првиот тим треба да се борите со Меси, Нејмар или Педро. Треба да одлучите што сакате, дали да бидете трпелив или да заминете, да искусите нови искуства и да играте“.