24фудбал

Кјелини за контроверзниот момент на Бернабеу: Буфон и јас полудевме... таков пенал во 94. минута не се суди

Џорџо Кјелини во својата книга посвети внимание и на реваншот против Реал Мадрид во четвртфиналето од Лигата на шампиони во сезоната 2017/18, вели дека таков пенал во 94. минута не се свири.

Лига на Шампиони

Во април 2018, Јувентус имаше невозможна мисија, гостуваше на Сантијаго Бернабеу со негатива од три гола. Избраниците на Алегри сепак не се предадоа, и беа на чекор до реализирање на еден од најголемите кам-бекови во историјата.

Манџукиќ постигна два гола во првото полувреме и најави возбудливи втори 45 минути. Во продолжението од мечот Матуиди ја затресе мрежата на Реал за анулирање на негативата од 3-0 од првиот меч.

И кога се чинеше дека ќе се играат додатни 30 минути, во последните мигови од пресметката, Вазкез падна во петерецот по еден дуел со Бенатија, а судијата без размислување покажа на белата точка. Сите во таборот на Јувентус протестираа, а Буфон претера со навредите кон Мајл Оливер и доби црвен картон.

Џорџо Кјелини во својата книга посвети внимание и на овој контроверзен момент, смета дека судијата погрешил и не требал да досуди најстрога казна.

„Мислам дека пенал во 94. минута од мечот се суди само кога сте апсолутно сигурни, и тоа не беше случајот со Реал. Таков пенал може да досудите во 10. минута, на средина од второто полувреме, но не и во последните секунди. Сепак, и ние сносиме одредена вина, не требаше да дозволиме таква ситуација во тој момент од натпреварот“ – раскажува дефанзивецот.

„Буфон и јас полудевме... за да се покаже на белата точка кога на семафорот стои 93 минути и 50 секунди, не треба да има ниту ронка сомнеж... а нам долу на теренот ни беше јасно дека ситуацијата е прилично спорна“.

Џорџо Кјелини исто така тогаш влезе во расправија со фудбалерите на Реал Мадрид, особено со Рафаел Варан кон кого направи гест со кој го праша „Колку го плативте судијата?“.

„Погрешив, не требаше да го сторам тоа“ – се корегира сега дефанзивецот на Јувентус.