24фудбал

УЕФА работи на „експресен“ формат за Лигата на шампиони, Истанбул ќе организира фајнл-фор?!

Според пишувањата на АС, УЕФА работи на „експресен“ формат за финиш на Лигата на шампиони и Лига Европа, ќе има само еден натпревар во четвртфинале а победникот ќе биде одлучен на фајнл-фор турнир.

Лига на Шампиони

Европската куќа на фудбалот сака сите првенства кои ќе решат да продолжат да завршат до јули, и август да биде резервиран за натпреварите од Лигата на шампиони и Лига Европа.

Се говореше дека во август речиси секој ден ќе има врвен фудбал, но според пишувањата на АС, по се изгледа ќе биде одбран „експресен“ формат.

Весникот пренесува дека работна група на УЕФА, Асоцијацијата на клубови и Асоцијацијата на првенства разработува сценарио според кое ќе има само еден натпревар во четвртфинале а победникот ќе биде одлучен на фајнл-фор турнир, Истанбул ќе биде домаќин на завршницата во Лигата на шампиони, а Гдањск домаќин на завршницата во Лига Европа.

Прво би започнале натпреварите од Лига Европа (6. август), со оглед на тоа дека некои од паровите во осминафиналето не го одиграа ниту првиот меч, а потоа ќе следуваат реваншите од осминафиналето во Лигата на шампионите (8. август).

Овој формат ја има поддршката на мнозинството, но последнито збор ќе го има извршниот комитет на УЕФА кој ќе се сретне на 17. јуни.

Ваквата завршница на европските натпреварувања ќе предизвика и промена на календарот за сезоната 2020/21, фудбалерите ќе одат на одмор во септември, па веројатно почетокот на октомври ќе биде датумот на кој ќе почнат новите фудбалски возбудувања.