24фудбал

Морати по 10 години призна: Тоа што ни го направи Мурињо беше ужасно

Поранешниот прв човек на Интер, Масимо Морати вели дека Жозе Мурињо завршил одлична работа за историската тројна круна, но признава дека начинот на кој Португалецот се разделил со „нероаѕурите“ бил ужасен.

Англија

Интер утре слави убав јубилеј, десет години од триумфот над Баерн Минхен и испишување на историја. Предводени од Жозе Мурињо, „нероаѕурите“ во 2010 станаа првиот тим од Италија кој стигнал до „триплета“ односно титулата од Серија А, Купот и Лигата на шампиони.

Во разговор со Ил Џорно, поранешниот прв човек на клубот, Масимо Морати се потсети на вечерта во Мадрид.

„Го паметам како ден за славје. Бевме среќни што ќе играме финале. Триумфот во Серија А и Купот на Италија ни донесе многу радост и самодоверба, а Жозе Мурињо, кој добро го познаваше противникот, внесе сигурност во тимот. Откако го преживеавме тоа страшно мачење против Барселона, очекувавме да го подигнеме трофејот“ – вели Морати.

По големиот триумф на Сантијаго Бернабеу, Жозе Мурињо не се врати во Милано да го прослави успехот и остана во Мадрид да потпише со Реал. Со месеци се шпекулираше, Интер молчеше а Масимо Морати сега појаснува дека не реагирале со цел да не се наруши атмосферата.

„Жозе заврши одлична работа. Во последните неколку месеци стануваше јасно дека колку повеќе победува, толку повеќе е фасциниран од идејата успехот со Интер да го повтори во Шпанија. Но никогаш не дискутиравме на оваа тема. Не сакавме да влеземе во конфротација, не сакавме да се наруши тимскиот дух во финишот од сезоната. Секако, од денешна гледна точка, тоа што тој ни го направи беше ужасно...“