24фудбал

Арсенал нема пари за Давид Луиз, тој си оди од клубот наспроти желбата на Артета

Авантурата на Давид Луиз во Арсенал траеше кратко, информациите од Англија велат дека тој ќе го напушти клубот по крајот од сезоната.

Англија

Актуелниот договор на Давид Луиз со Арсенал завршува на крајот од сезоната, во него има опција за продолжување на уште една година, но клубот нема да ја активира и тој ќе замине како слободен играч.

Микел Артета е задоволен од Давид Луиз, и покрај тоа што во составот има повеќе централни дефанзивци, Бразилецот е неговиот прв избор. Тој беше стартер на 14 од 15 натпревари.

Има желба и од страна на Луиз да остане уште една сезона во Арсенал, но раководството на клубот не размислува така.

Поради пандемијата од коронавирус и неиграњето во Лигата на шампионите Арсенал сака да ги скрати трошоците. Давид Луиз има неделна плата од 125.000 фунти, па челниците на клубот сметаат дека нема да биде голема штета ако следната сезона бидат без него.

Голема е веројатноста Давид Луиз да се врати во Бенфика. Тој пред само некој ден ја истакна желбата да се пензионира во клубот за кој играше од 2007 до 2011 година.

„Отсекогаш сум велел дека сакам да ја завршам мојата кариера во Бенфика. Ја сакам Бенфика. Мојот сон е да стапнам на теренот на „Естадио да Луж“ во црвените бои“, изјави Давид Луиз.

Ако Бенфика посакува да го врати, се чини дека двете страни ќе најдат заеднички јазик и ќе се договорат.