24фудбал

Фудбалерите на Шкендија се вратија на тренинзите (ФОТО)

Тетовските „црвено-црни“ се подготвуваат за предвидениот рестарт на сезоната во нашиот домашен фудбалски шампионат, очекувањата се тоа да се случи идниот месец, поточно периодот 14-21 јуни.

Македонија

Ден откако од Фудбалската федерација најавија враќање на фудбалските возбудувања во нашиот домашен шампионат, актуелниот првак Шкендија ги почна подготовките, а со самото тоа фудбалерите им се вратија на тренинзите, првично обавувајќи медицински и физички тестирања.

Фудбалерите на Шкендија им се враќаат на клупските обврски по пауза од два ипол месеци поради пандемијата со Ковид-19, а тетовските „црвено-црни“ сезонава имаат тешка задача да ја одбранат титулата, поради фактот што заостануваат цели 11 бода зад лидерот Вардар (46), односно бод зад второпласираниот Силекс (36) на четири кола до крајот на регуларниот дел од сезоната, по што ќе следи плеј-оф, односно плеј-аут во нашето првенство.


Кога сме веќе кај нашето домашно првенство, ќе потсетиме дека конечниот датум околу тоа кога ќе продолжат фудбалските возбудувања не е прецизиран од куќата на фудбалот во земјава, првата дивизија ќе биде проширена на 12 екипи, можеби и 14, а сезонава нема да има испаѓање,  пониските дивизии се прекинуваат.

Очекувањата се враќањето на фудбалот во земјава да се случи помеѓу 14-21 јуни.


Фото: KF Shkendija (Facebook)