24фудбал

Фудбалски фестивал во Премиерлигата, натпревари на секои два часа

Тоа што се најавуваше во однос на програмската шема во Премиерлигата за рестартот на сезоната, веројатно е дека ќе се реализира, за што пишува и „Мирор“.

Англија

Премиерлигата има посебен шмек во фудбалска Европа, како и општо земено во целиот свет, па така на Островот детално ги разгледуваат сите можни опции околу тоа како ќе продолжат возбудувањата во тоа првенство, штом се отвори можност за такво нешто.

Веќе е познато дека дадено е зелено светло за втората фаза од т.н. „Проект Рестарт“, а преостануваат уште девет кола до крајот на актуелната сезона, што генерално гледано во прашање се 92 натпревари кои преостануваат за да се спушти завесата од актуелната сезона.

„Мирор“ пишува дека љубителите на фудбалот ќе имаат можност да ги проследат сите натпревари во живо, ним ќе им биде скратено правото да се појават на трибините, па од таму да ги бодрат своите омилени клубови поради пандемијата од коронавирусот.

Веројатно е дека тоа што претходно се најавуваше, истото и ќе се оствари, па така „Мирор“ известува дека предвидено е да се играат по пет натпревари во саботите и неделите, со тоа што сите ќе почнуваат одвоено, без ниту едно поклопување, првиот меч би почнал во 12 часот, а потоа другите ќе следат во термините 14, 16, 18, односно 20 часот.

Иако првично идејата е натпреварите да се играат во викендите, се верува дека ќе проследиме натпревари и во останатите денови од една седмица, со одреден стил на формат како во Лигата на шампионите, каде натпреварите би започнувале во 18., односно 20. часот.

Што се однесува до ТВ правата, „Скај“ и „БТ Спорт“ ги имаат правата на 47 натпревари, а останатите 45 ќе бидат дополнително прераспоредени, се верува дека „Скај“ на крајот ќе биде со 32 меча, „БТ“ со 8, а пет би презеле „Амазон“ и „ББС“, ќе потсетиме дека во игра е платформата „ЈуТјуб“ каде би се емитувале во живо сите останати натпревари, со цел сите натпревари да добијат покриеност.

Пандемијата од коронавирусот донесе и за момент отфрлање на традиционалниот термин од 16 часот каде се играа повеќето натпревари, а ќе додадеме дека се споменува 12. или 19. јуни како можен период кога би се вратил фудбалот во Премиерлигата.

Клубовите, а воедно и општо гледано целата Премиерлига се соочува со голем проблем околу парите од ТВ правата (над 700 милиони фунти), клубовите токму утре ќе разговараат дополнително околу листата на термините за натпреварите, а клубовите дури и да ја комплетираат актуелната сезона, ќе се соочат со „дебела“ сметка од над 300 милиони фунти поради одредени прекршувања во договорите со дифузерите, односно имателите на ТВ правата од натпреварите.

Кога сме кај Премиерлигата, за крај ќе потсетиме и на табелата, на Ливерпул му недостасуваат само две победи на девет кола до крајот за освојување на титулата, интересна ќе биде битката за четвртото место на табелата, а неизвесност постои и во долниот дел од табелата, во однос на екипите кои докрај ќе се борат за опстанок во елитното друштво.