24фудбал

Ливерпул единствениот клуб кој натпреварите во Премиерлигата ќе ги игра на неутрални терени?

Полека но сигурно, челниците во англискиот фудбал ги „пеглаат“ сите можни детали околу најавеното продолжение на актуелната сезона, која се чини дека нема дилеми во тоа дека ќе биде комплетирана на терените.

Англија

„Тајмс“ наведува дека Ливерпул би можел да биде единствениот клуб во Премиерлигата, кој по продолжувањето на актуелната сезона, своите натпревари кои се предвидени да ги одигра на домашен терен, всушност да ги одигра на неутрален терен.

Денеска „Телеграф“ извести дека веќе е постигната согласност околу датумот кога би требало да продолжат фудбалските возбудувања на Островот, актуелната сезона може да продолжи на 17. јуни, поточно во среда, ден кога е предвидено да се одиграат два натпревари, односно Манчестер Сити – Арсенал, Астон Вила – Шефилд Јунајтед.

Информациите кои ги објави „Тајмс“ се базираат на стравувања од можни масовни собири на навивачите на Ливерпул, кои се во исчекување на првата титула на овој клуб во Премиерлигата по пауза од цели 30 години, а за тоа да се случи, на „Редсите“ им се потребни уште само две победи на девет кола до крајот.

Во меѓувреме, „Дејли мејл“ пренесе дека полицијата веќе ја известила Премиерлигата дека клубовите можат да ги играат натпреварите на своите домашни терени, меѓутоа навеле дека дерби пресметките би требало да се играат на неутрални терени.