24фудбал

Коронавирусот го промени глобалниот трансфер пазар, ПСЖ понуди „само“ 60 милиони евра за Милинковиќ-Савиќ

Не баш сите клубови ќе имаат можност да се засилуваат со големи ѕвезди во периодот кој претстои, особено сега во кризата предизвикана со коронавирусот, меѓутоа богатиот ПСЖ повторно се врати во трката за Милинковиќ-Савиќ, но со многу пониска понуда од претходно посочената цена за фудбалерот.

Италија

Францускиот првак ПСЖ испрати понуда од „само“ 60 милиони евра до Лацио, за фудбалерот од средниот ред на таа екипа, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, известуваат медиуми во Франција.

Интересот на ПСЖ за услугите на Србинот од поодамна е познат, за Милинковиќ-Савиќ интерес има воедно и од Јувентус, Интер и Манчестер јунајтед.

Од Лацио претходно успеваа да оддолеат на интересот за нивниот фудбалер, меѓутоа „ле10спорт“ тврди дека ПСЖ повторно се вратил за потписот на Србинот, а овој пат со понуда во висина од 60 милиони евра.

За очекување е понудата да биде одбиена од страна на италијанскиот прволигаш, особено во ваков период кога клубот би играл во Лигата на шампионите идната сезона, а има отворена битка со Јувентус за овосезонската титула во Серија А.

Во меѓувреме, францускиот медиум пишува дека понуда од околу 70 милиони евра би била доволна во ваков период да се дојде до посакуваниот потпис на Милинковиќ-Савиќ, најмногу од причина што повеќе клубови се соочуваат со огромна финансиска криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот.

Нема дилеми дека коронавирусот носи големи промени на глобалниот трансфер пазар во фудбалот, па иако претходно првиот човек на Лацио, Клаудио Лотито одбиваше и понуди во висина од 100 милиони евра за Србинот, сега ќе мора да размислува дури и за понуди кои се двојно пониски од претходно.