24фудбал

Раководството на Реал останало збунето од тинејџерот: Не сакам да се сретнам со Рамос, го повреди Салах!

Новинарот Џејмс Пирс раскажува како раководството на Реал Мадрид останало збунето кога талентираниот Харви Елиот одбил да се сретне со капитенот Серхио Рамос поради стартот со кој дефанзивецот го повреди Мо Салах во финалето од Лигата на шампионите.

Англија

Харви Елиот во мај 2019 стана најмладиот дебитант во Премиерлигата, во дресот на Фулам истрча на теренот со 16 години и 30 дена.

Се работи за голем талент, многу клубови ширум Европа сакаа да го видат во своете редови, а еден од нив беше и Реал Мадрид.

Новинарот Џејмс Пирс во напис за Атлетик, раскажува како „кралевите“ имале перфектен план да го убедат Англичанецот дека тие се најдобра опција.

Харви Елиот и неговото семејство отпатувале во Мадрид, го посетиле тренинг центарот на Реал и добиле ВИП прошетка на Сантијаго Бернабеу за да се запознаат со историјата и престижот на клубот. Кога влегле во соблекувалната, имало дрес од Серхио Рамос и на фудбалерот му било понудено да се сретне со капитенот.

Сепак, раководството на Реал Мадрид останало збунето од одговорот на тинејџерот.

„Не, нема потреба. Не го сакам Рамос по она што му го направи на Салах“ - порачал Харви Елиот.

Во Реал не знаеле дека Харви Елиот е голем фан на Ливерпул и дека заедно со татко му биле во Киев да го проследат финалето од Лигата на шампиони во 2018, кое „кралевите“ го добија со 3-1, а во фокусот беше стартот на Рамос врз Салах, по кој Египјанецот се повреди и мораше предвреме да го напушти теренот.

Харви Елиот не само што одбил да се сретне со Серхио Рамос, на крајот ја одбил и понудата на Реал Мадрид и го одбра Ливерпул за следна дестинација.