24фудбал

Коронавирус во тимот на Алиоски, вкупно девет случаи во новата рунда тестирање во Чемпионшип

Нов бран тестирање за коронавирусот во фудбалска Англија, истиот донесе вкупно девет нови позитивни случаи на Ковид-19, од кои најмалку еден во тимот каде игра нашиот Алиоски, Лидс, кој воедно е пред враќање во Премиерлигата по пауза од цели 18 години.

Англија

Лидс, каде игра нашиот репрезентативец Езгјан Алиоски, регистрираше еден позитивен случај на коронавирус во тестирањето за заразата, а новата рунда тестирање во Чемпионшип дивизијата на Англија донесе вкупно девет позитивни случаи.

Во текот на вчерашниот ден од ЕФЛ потврдија дека постојат девет позитивни случаи на коронавирус од шест клуба на 1,094 тестиран фудбалски и нефудбалски персонал помеѓу сботата и вторникот од Чемпионшип дивизијата на Островот.

Како што известуваат тамошните медиуми, се работи за случаи од Шефилд Вендсдеј, Хадерсфилд и Престон, овие три клуба имаат по еден случај помеѓу деветте регистрирани, а како што пишува „Спортсмејл“, најмалку еден позитивен случај на коронавирус има во Лидс, меѓутоа поради веќе познатиот протокол според кој се водат клубовите, не се именуваат лицата заразени со Ковид-19.

Ова е прв позитивен случај на Ковид-19 за составот предводен од Марсело Биелса откако фудбалерите се вратија на тренинзите уште од претходниот месец, а оние кои се позитивни на тестирањето им претстои самоизолација од седум денови.

Клубовите од Чемпионшип дивизијата веќе реализираа четири рунди тестирања за коронавирусот, а од истите произлегоа 24 позитивни случаи, идната објава на резултатите ќе биде претстојниов викенд, а веројатно ќе биде од големо значење за предвидениот термин од 20. јуни за продолжување на сезоната, откако фудбалерите започнаа и со втората фаза од т.н. „Проект рестарт“ со кој се предвидува и тренинзи со контакт.

Кога сме веќе кај Чемпионшип дивизијата, ќе заокружиме со моменталната ситуација на табелата, каде Лидс е лидер со 71 бод на девет кола до крајот на сезоната, односно бод повеќе во однос на ВБА, тоа се двете позиции кои водат директно во Премиерлигата, третопласираниот Фулам (64) заостанува седум бода зад лидерот.

Нашиот 28 годишен репрезентативец од составот на Лидс, Езгјан Алиоски сезонава на 30 настапи за тој клуб запиша и четири погодоци, а тимот од „Еланд Роуд“ до суспензијата поради пандемијата од коронавирусот играше во фантастична форма и забележа пет победи во низа.