24фудбал

Проблемите во фудбалска Франција дојдоа и до судовите, Лион повторно извиси, но не и Амиен и Тулуз

Олимпик Марсеј е вицепрвак на Франција, а Рен благодарение на одлуката за конечен прекин на сезоната во „Лиг 1“ за прв пат во својата клупска историја избори место во Лигата на шампионите.

Франција

Французите беа нетрпеливи во однос на решавањето на фудбалското прашање за актуелната сезона, па побрзаа да го крунисаат ПСЖ во старо-нов шампион, а Амиен и Тулуз како последно пласирани екипи ги пресели во понизок ранг натпреварување.

Големи негодувања имаше од дел од клубовите во „Лиг 1“ по оваа одлука на фудбалските власти, особено гневни беа од Лион кои извисија, а нема да играат во Европа идната сезона, секако дека најобесправен беше Амиен кој се уште имаше какви-такви шанси за опстанок во елитното друштво на Франција, а последно пласираниот Тулуз со -14 бода зад Ним на нашиот Влатко Стојановски, на позицијата која носи плеј-оф за опстанок, веројатно и немаше големи шанси за опстанок.

Меѓутоа, оспоруваната одлука на француските фудбалски власти дојде до врховниот суд на таа земја, кој пак одлучи дека жалбата на Лион се одбива, во однос на прерано завршеното првенство, но, не се одбија жалбите на Амиен и Тулуз.

Од таа институција јасно наведоа дека нема дилеми во исправноста на одлуката за порано прекинатата сезона во Франција поради пандемијата со коронавирусот, меѓутоа, во одлуката, се додава дека ќе се суспендира испаѓањето на Амиен и Тулуз од прволигашкото друштво, а од врховниот суд им наложија на фудбалските власти во Франција да направат промени во форматот за идната сезона.

Со оглед на тоа што Лориен и Ленс веќе се на некој начин и нови прволигаши, извесно е дека „Лиг 1“ идната сезона ќе биде проширена на две екипи, иако во однос на „Лиг 2“, како за пример, третопласираниот Ајачио, како и Троја и Клермон беа мошне близу до првите две позиции.