24фудбал

„Денешниве деца не знаат какво играчиште беше Роналдо, кога им зборувам ме гледаат како теле во шарена врата“

Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Енди Кол вели дека ќе се помочал кога се сретнал со Роналдо во тунелот на „Џузепе Меаца“ и додава дека денешните деца не знаат какво играчиште бил Бразилецот.

Останато

Енди Кол во 1995 година се пресели од Њукасл во Манчестер јунајтед за 7 милиони фунти, тогашен британски рекорд. Напаѓачот имаше успешна кариера на Олд Трафорд, постигна 121 гол на 275 натпревари и беше клучен дел од историската тројна круна во 1999 година.

Тој сега раскажува интересна приказна поврзана со Луис Назарио де Лима Роналдо, кој важи за еден од најдобрите голгетери во историјата.

„Се сеќавам кога игравме против Интер (реванш во четвртфиналето од Лигата на шампионите во сезоната 1998/99), излегов во тунелот и застанав крај Роналдо. За малку ќе се помочав, не ве лажам! Го гледав долги години, тој беше право играчиште“ – вели Енди Кол, кој смета дека повредите го спречиле Бразилецот да освојува „Златни топки“ како Лео Меси и Кристијано Роналдо.

„Кога на денешниве деца им зборувате за Бразилецот Роналдо, многумина од нив ве гледаат како теле во шарена врата, не знаат кој е. Да не беа повредите, ќе освојуваше „Златна топка“ секоја година, една по друга и ќе постигнеше огромен број голови. Тој беше играчиште“.