24фудбал

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Два меча за Хендерсон во едно коло, Салах мора да тргне со погодоци

По подолга пауза поради пандемијата со коронавирусот се враќаат фудбалските возбудувања во англиската Премиерлига, на радост на многубројните натпреварувачи во Фантази Премиерлигата, близу 8 милиони ширум светот, од кои околу 8 илјади од нашата земја.

Останато

Добредојдовте на уште една анализа во многуте во серија сезонава во едицијата „24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“, како помошна алатка за нашите натпреварувачи во оваа доста популарна игра која нуди големо возбудување.

Премиерлигата се враќа со денешните два меча помеѓу Астон Вила и Шефилд Јунајтед (19,00), односно Манчестер Сити и Арсенал (21,15), овие два меча се заостанати за комплетирање на 29. коло, а секако овие четири екипи ќе имаат два меча за првото коло по паузата.

Најнапред да направиме еден краток рекапитулар на тоа што се случи досега, Ливерпул е на две победи до првата титула во Премиерлигата по пауза од цели 30 години, „Редсите“ на Јирген Клоп најпрво му гостуваат на својот градски ривал Евертон викендов, за потоа на домашен терен да ги одмерат силите со Кристал Палас.

Нема никакви дилеми дека ќе претстои голема битка за позициите кои првично носат излез во Европа за идната сезона, а акцент секако ќе се стави на битката за четвртото место на табелата кое во моментов го има Челси, кој има и одличен распоред до крајот за истото да го задржи.

Како и да е, почнувајќи од Арсенал (40, меч помалку) на деветтото место, па седо Челси (48), во никој случај не би требало да ги откажеме Тотнем (41), Шефилд Јунајтед (43), Вулверхемптон (43), како и Манчестер јунајтед (45) за четвртото место, како и петтото за Лига Европа, вреди да се напомене дека единствено Шефилд Јунајтед има нешто потежок распоред во однос на останатите, а токму овој клуб има два меча за ова коло.

Интересна ќе биде секако и битката за опстанок во елитното друштво, Брајтон (29), Вест Хем (27) и Вотфорд (27) го сочинуваат триото веднаш зад опасната зона за испаѓање кое пак го сочинуваат триото Борнмут (27), Астон Вила (25), како и Норич (21).

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Како вовед во селекцијата, ќе се осврнеме на ситуацијата во однос на трансферите за претстојното 30. коло, да увидиме кои фудбалери котираат високо кај натпреварувачите, а од кого најмногу истите се ослободуваат за оваа рунда натпревари.

Интересно е тоа што натпреварувачите му даваат надеж на Астон Вила во битката за опстанок, оваа екипа има два меча за ова коло, најнапред на домашен терен го пречекува Шефилд Јунајтед, за потоа повторно на домашен терен, но овој пат против Челси. Првата ѕвезда на Астон Вила, Џек Грилиш е најкупуваниот фудбалер за ова коло, тој има одлична сезона зад себе, па доколку Астон Вила избори опстанок, нема дилеми дека тој би бил најзаслужниот.

По него следат дури тројца кои имаат два меча за ова коло, Серхио Агуеро од Манчестер Сити, Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед, Кевин Де Брујне од Манчестер Сити, како и Џордан Хендерсон, чуварот на мрежата од голот на Шефилд Јунајтед кој до паузата бранеше во одлична форма.

Што се однесува пак до листата на фудбалери од кого до овие моменти најмногу се ослободуваат натпреварувачите, прв е напаѓачот на Саутемптон Дени Ингс, а интересен е фактот што по него следи Мохамед Салах од Ливерпул, веројатно натпреварувачите со ова си отвораат повеќе опции во селекцијата на тимот од причина што Египјанецот има висока цена на пазарот. По нив следат Калверт-Луин од Евертон, Раул Хименез од Вулверхемптон, како и Џејми Варди од Лестер, така е барем до овој момент на пишувањето на анализата.


Првично, заклучокот е дека натпреварувачите за ова коло им даваат предност на оние фудбалери кои имаат два меча за ова коло, познато е дека сите натпреварувачи имаат неограничен број на трансфери за ова коло, а потоа следува по еден трансфер за секое коло, впрочем, потоа сесе враќа како што беше и претходно.

Меѓутоа, во услови кога би немале дополнителни алатки како „Free hit (опција која нуди  целосно променет тим за едно коло), „Bench boost (опција која нуди освојување на бодови и од клупата), би требало да бидете мошне претпазливи и сериозно да размислите дали би фаворизирале целосно екипа составена од претежно фудбалери кои имаат два меча ова коло, бидејќи во идните ќе треба повторно да менувате, ние предлагаме целосен состав (со резерви) за сите преостанати девет кола, со што потребата од трансфери би била сведена на минимум во продолжението од сезоната.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Стартуваме со голманската позиција, таму првично ќе го предложиме Дин Хендерсон (5.3) од Шефилд Јунајтед како прв избор за ова коло, меѓутоа не и за подолг рок, тој бранеше во одлична форма, а од Оле Гунар Солшер е наведен како иден прв чувар на мрежата на голот на Манчестер јунајтед, од каде игра на позајмица. Шефилд Јунајтед најпрво гостува кај Астон Вила, екипа која тешко и оди во реализацијата, за потоа да следи и гостување кај Њукасл, екипа која со Норич имаат најмалку постигнато голови сезонава (25) по 29 одиграни кола.

За втората опција за голманската позиција ви го препорачуваме Давид Де Хеа (5.3) од Манчестер јунајтед, но со напомена Шпанецот да ви биде на клупата за резерви ова коло, од причина што „Црвените ѓаволи“ во петок гостуваат кај Тотнем, а потоа им следат осум меча против екипи по мерка каде би можеле постојано да го користите за прв избор на голот.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Се префрламе во дефанзивната линија, таму ќе го наведеме Џо Гомез (5.3) од Ливерпул, тој беше стандарден во изборот на Јирген Клоп, веројатно и така ќе остане, а Гомез е одличен избор за првите две кола по паузата, нема дилеми во тоа дека „Редсите“ максимално ќе се борат уште во првите две кола да ја осигураат титулата, можеби ќе биде тешко против градскиот ривал Евертон, но за очекување е да немаат никакви проблеми со Кристал Палас, екипа која тешко постигнува голови.

Продолжуваме со Џорџ Балдок (5.1) од Шефилд Јунајтед, кој всушност игра на десната крилна позиција, односно во средниот ред како природна позиција во реалноста, а се води како дефанзивец, што отвора многу опции за натпреварувачите кои посебно ги привлекуваат вакви фудбалери, за Шефилд Јунајтед веќе споменавме погоре, го селектираме од истата причина. Освен што реално е да се очекува клин-шит, бодови од меч без примен гол како за дефанзивец, од Балдок можеме да очекуваме и асистенција, а зошто да не и некој гол. Го изоставуваме Ландстрам, еден од најомилените фудбалери кај натпреварувачите сезонава, од причина што се „шушка“ дека со доаѓањето на Борг во Шефилд Јунајтед, Ландстрам го загуби местото во тимот, дополнително отежнувачки се вестите околу преговорите помеѓу обете страни за продолжување на соработката, која истекува токму летово, но со опција за дополнителни 12 месеци, опција која клубот сигурно би ја искористил. 

По ова коло, би можеле да го продадете Балдок за дефанзивец кој би имал одличен распоред потоа, а би имале добри опции при рака од причина што Балдок има одлична цена.

Веројатно изборот не може да помине без Мет Доерти (6.3) од Вулверхемптон, екипа која има одличен распоред до крајот, екипа која сигурно нема да се откаже од битката за четвртото место на табелата, а за Доерти истиот случај како и Балдок погоре, тој всушност игра на десната крилна позиција, постојано асистира, постигнува погодоци, најпрво гостува кај Вест Хем, за потоа на домашен терен да игра против Борнмут, за третото коло на „менито“ во има составот на Астон Вила, распоред по мерка за екипа која има сезона за паметење.

Арон Ван-Бисака (5.3) со својот Манчестер јунајтед најпрво гостува кај Тотнем, веројатно е дека за „Црвените ѓаволи“ не можеме да очекуваме меч без примен гол, меѓутоа доколку добро го погледнете распоредот на составот од „Олд Трафорд“ во продолжението од сезоната, нема да погрешите со Ван-Бисака, од причина што би можеле да го играте до крајот на сезоната по дербито во петок.

И покрај тоа што размислувавме за Фикајо Томори (4.2) од Челси како една евтина варијанта во одбраната која би можеле да ја ротирате по потреба, за заокружување на дефанзивната линија го препочаруваме Џамал Ласелс (4.3) од Њукасл, стандарден стопер кој во последните две кола пред паузата освои вкупно 12 бода, познат е Њукасл по тоа што тешко дава, но и тешко прима голови во својата мрежа поради стилот на игра, па секако дека Ласелс би ви бил одличен избор за ротација по потреба.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Во однос на средниот ред би започнале со Сон (9.7) од Тотнем, сигурно дека во петок ќе проследиме отворен фудбал во дербито од причина што обете екипи докрај ќе се борат за излез во Европа, а како што беше случајот со Манчестер јунајтед, таков е воедно и случајот со Тотнем, екипата од Лондон има и повеќе од солиден распоред за да ги оствари своите амбиции, за тоа ќе мора да помогне и Сон, кој крај себе ќе го има и Кејн кој веќе се рехабилитираше од повредата.

Иако имавме одредени дилеми во однос на Мохамед Салах (12.7), на крајот се сведуваме на фактот што Ливерпул барем во првите две кола би вложил максимум од себе за да ја осигура титулата, иако од поодамна е познато дека Ливерпул често знае да се „сопне“ во вакви исклучително важни моменти, меѓутоа ќе го селектираме Египјанецот кој сигурно ќе биде главна опасност кон голот на Евертон и Кристал Палас во воведните две кола по паузата.

Бруно Фернандеш (8.6) за брзо време успеа да ги освои симпатиите кај навивачите на Манчестер јунајтед, за краток период го доби статусот на „прв пеналџија“, па веројатно е дека Рашфорд и Марсијал веќе се втора опција по тоа прашање во изборот на Солшер, дополнително Португалецот е доста опасен во противничките половини, што нам ни дава за право да очекуваме уште повеќе од него во продолжението од сезоната.

Челси е познат по тоа што негува офанзивен фудбал, а за тоа придонесува Мејсон Маунт (6.2), фактот што „Сините“ од Лондон играат доста добар фудбал на гости, нам ни дава за право уште сега да го селектираме во пресрет на неделното гостување кај Астон Вила, екипа по мерка за Челси и Маунт, како добра увертира за идното коло кога на домашен терен го пречекуваат Манчестер  Сити, за потоа да имаат цели пет кола противници по мерка.

Адама Траоре (5.7) од Вулверхемптон мака мачеше со повредите, станува збор за фудбалер кој иако се води како среден, всушност во реалноста често го гледаме веднаш зад напаѓачите, но и како дел од нападот во замислите на Нуно Еспирито, доста опасен, брз, експлозивен, фудбалер кому тешко му се одзема топката, а може да „нападне“ со бодови уште во првото коло од паузата, на гости кај Вест Хем кој има очајна сезона зад себе.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Завршуваме со селекција во напаѓачкото трио, а ќе започнеме со Тимо Пуки (6.5) од Норич, очекуваме, како што Финецот тргна сезонава, така и да ја заврши истата, има солиден распоред, а неговите голови ќе бидат од големо значење за Норич кој очајно ќе се бори за опстанок во елитното друштво.

Нема да погрешите ниту со капитенот на Вотфорд, Трој Дини (6.2), еден сосема важен фудбалер од оваа екипа на која исто и претстои битка за опстанок во елитата до крајот, дополнителна причина да го селектирате Дини е фактот што Вотфорд се „препороди“ под водство на Пирсон.

Ако некој може да му ги „помрси“ сметките на Ливерпул уште на стартот, тоа е секако Доминик Калверт-Луин (6.5) од Евертон, напаѓачот игра одлично под водство на Карло  Анчелоти, а „Карамелите“ не можеме во никој случај да ги исклучиме од битката за излез во Европа идната сезона, во моментов како 12. пласирани на табелата, заостануваат осум бода зад Манчестер јунајтед на петтото место. Меѓутоа Калверт-Луин ќе го оставиме за идните кола, за ова би го сместиле на клупата за резерви.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: ah7lqe

Да сумираме во однос на селекцијата, составот кој го понудивме вреди 99 милиони, со тоа што 1 милион ви останува во банка за еден добар и солиден трансфер уште во идното коло, препорачуваме да обрнете најпрво внимание на фудбалери кои се од исклучителна важност во екипите, кои се стандардни, а кои би имале благ „удел“ во правилото кое ќе донесе големи проблеми за натпреварувачите – петте дозволени измени во текот на натпреварите, со што се отвора можност за многу ротации и губење бодови.

Веројатно е дека многумина не би се согласиле со изоставување на Пјер-Емерик Обамејанг од Арсенал, посебно за ова коло каде Габонецот има два меча, меѓутоа во однос на Обамејанг, би додале дека „Топчиите“ имаат и одличен распоред, па неколку промени во предложената селекција (по ваш избор), би ви отвориле простор за да го имате овој напаѓач во вашите тимови, веројатно е дека не би погрешиле во таа одлука.

Добро забележавте дека го немаме Трент Александер-Арнолд од Ливерпул, причината е сосема јасна, поради подобар буџет и подобро пополнување на останатите позиции, од тука го селектиравме Гомез за да се „заштитиме“ во однос на оние кои би го имале Арнолд, а кои би запишале бодови од клин-шит, во случај Ливерпул да не прими гол, па загубата во овој случај не би била голема.

 

Предлог состав за 30. коло: ХЕНДЕРСОН (5.3) / ГОМЕЗ (5.3), БАЛДОК (5.1), ДОЕРТИ (6.3) / СОН (9.7), САЛАХ (12.7), ФЕРНАНДЕШ (8.6), МАУНТ (6.1), ТРАОРЕ (5.7) / ПУКИ (6.5), ДИНИ (6.2)

Капитен: МОХАМЕД САЛАХ

Заменик-капитен: МЕТ ДОЕРТИ

 

Традиционално, за крај ќе направиме еден краток осврт на случувањата во лигата на „Македонија“, како и онаа на „24фудбал“.

Генерално, во лигата каде што се сите натпреварувачи на едно место од нашата земја, на лидерската позиција е Давид Трајчевски со досега освоени 1788 бодови, битката за првото место е сосема тесна со Василиј Стојановски кој заостанува само два бода зад лидерот.


Што се однесува пак до лигата на „24фудбал“, таму Василиј Стојановски со досега освоени 1786 бода е на лидерското место одвоен со значителна предност пред останатите конкуренти.


Среќно до сите натпреварувачи во продолжението од сезоната, не заборавајте да се приклучите во лигата на „24фудбал“, кодот е следен: ah7lqe