24фудбал

Ниту Артур вреди 80 милиони, ниту пак Пјаниќ вреди 70 милиони па зошто Барселона и Јувентус прават ваква зелка?

Барселона и Јувентус во следните денови треба да направат голема трампа, Артур Мело и Миралем Пјаниќ да ги заменат средините, плус „старта дама“ да доплати десетина милиони евра.

Шпанија

За трампата помеѓу Барселона и Јувентус во која ќе бидат вклучени Артур Мело и Миралем Пјаниќ се шпекулира со месеци, и се чини дека зделката конечно ќе биде реализирана. Бразилецот во последните денови почна да се предомислува, дал зелено светло и се најавува дека викендов ќе отпатува во Торино на лекарски прегледи.

Низ медиумите има најразлични бројки, едни велат дека Артур ќе вреди 80 милиони евра, а Миралем Пјаниќ ќе вреди 70 милиони евра, додека пак други велат дека Бразилецот ќе чини 70 милиони евра, а Босанецот 60 милиони евра.

Без разлика која од гласините е точна, двете проценки се многу повисоки од реалната вредност на играчите, особено во коронавирус криза, кога сите клубови велат дека цените на играчите драстично ќе паднат.

Според специјализираниот портал, Трансфермаркт, Артур е процент на околу 56 милиони евра, а Пјаниќ е процент на 52 милиони евра, и тоа во април месец, кога се уште се немаше јасна слика каков белег ќе остави пандемијата врз фудбалот.

Причина за тоа што Барселона и Јувентус намерно ги преценуваат играчите е балансирање на сметките. Во билансите сосема е различно впишувањето на играчите кои се купуваат и играчите кои се продаваат.

При купување на играчите, не се впишува сумата која се плаќа, туку таа сума се амортизира според должината на договорот и само еден дел од сумата се калкулира како трошок. Да речеме дека Пјаниќ ќе стави потпис на четиригодишен договор, сумата од 70 милиони евра ќе биде искажана како трошок од 17,5 милиони евра во следните четири години, а исто ќе биде и за Артур, неговата трансфер сума од 80 милиони евра ќе биде изразена како трошок од 20 милиони евра во следните четири страни.

Од друга страна, продажбата се евидентира веднаш, па со оглед на тоа што Артур чинеше нешто над 30 милиони евра, а Пјаниќ околу 36 милиони евра (овие суми дполнително се намалуваат поради амортизацијата) Барселона и Јувентус ќе прокнижат големи добивки во своите биланси од оваа зделка и тоа за оваа финансиска година, па затоа на клубовите (особено „каталонците“) им се брза се да биде комплетирано до 30. јуни.

Финансискиот ефект ќе биде уште поголем за Јувентус, „старата дама“ ќе се ослободи од играч кој заработува голема плата (Пјаниќ има примања од 7,5 милиони евра), а ќе донесе играч кој ќе заработува помалку (се шпекулира дека Артур ќе добие договор од 5 милиони евра).

Барса пак дополнително ќе ја оптовари и онака преголемата сметка за плати, но тоа ќе биде проблем за следното раководство со оглед на тоа дека има избори на Камп Ноу во 2021 година.

Оваа практика на преценување на фудбалерите не е новост, клубовите ја применуваат долго време, но до израз особено доаѓа во последните години поради желбата на УЕФА за строга финансиска контрола и правилата за Финансиски фер-плеј според кои не треба да се прават загуби на долг рок.