24фудбал

Синоќа имало тензичен состанок во Барса, Меси и Суарез јасно му посочиле на Сетиен што бараат

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека во неделата имало нов тензичен состанок помеѓу Кике Сетиен и играчите на Барселона, Лео Меси и Луис Суарез побарале директна комуникација со стратегот наместо инструкции да добиваат од неговиот помошник.

Шпанија

Барселона во саботата одигра само 2-2 против Селта и загуби нови два бода во трката за титулата. Медиумите пишуваа за жестока кавга во соблекувалната на „Балаидос“, фудбалерите се побуниле поради начинот на кој Кике Сетиен го води тимот и тајмингот на замените.

Попладнево пристигнаа нови стории, било прилично тензично и на состанокот кој бил одржан по крајот на синоќешниот тренинг. Се разговарало за случувањата во Виго и сите отворено си кажале што мислат.

Најгласни биле Лео Меси и Луис Суарез, кои имале примедби за однесувањето на помошникот Едер Сарабија. Двете ѕвезди јасно ставиле дознаење дека сакаат директно да комуницираат со Кике Сетиен, а не со неговите асистенти.

Ова е евидентно и од видеото кое Мовистар го објави утрово, кога на една од паузите за ладење, Лео Меси два пати одби да ги слуша советите на Едер Сарабија.

Извештаите исто така велат дека во времето на Ернесто Валверде, стратегот бил тој кој лично разговарал и им давал инструкции на „тешкашите“ во соблекувалната и не дозволувал комуникацијата да оди преку неговот помошник Џон Аспиазу, па ваков третман се бара и од Кике Сетиен.

На денешната прес конференција, Кике Сетиен потврди дека вчера имало средба: „Разговаравме за многу работи, се фокусиравме на фудбалските проблеми, на работите кои треба да ги подобриме. Тоа што супериорноста не ја претвараме во голови, носи нервоза и фрустрации. Но тоа може да се промени“.