24фудбал

Беневенто на Инзаги се врати во Серија А

Супериорниот состав предводен од Филипо Пипо Инзаги на седум кола до крајот на сезоната во второлигашкото друштво на Италија, обезбеди враќање во елитното друштво по синоќешната минимална победа.

Италија

Со гол во 71. минута, дело на Сау во дуелот со Јуве Стабија на домашен терен, но и играч помалку од 24. минута, Беневенто дојде до минимална победа, запиша нови три бода на своето конто со што се одвои на цели 24 бода во однос на второпласираниот Кротоне.

Со тоа, математички Беневенто и официјално обезбеди враќање во Серија А, а воедно составот предводен од Филипо Инзаги на клупата, го израмни рекордот на Асколи од сезоната 1977/78, кога исто беше обезбедена промоција на седум кола до крајот.

Беневенто доминираше сезонава во Серија Б од самиот старт, досега запишаа 23 победи, имаат уште и седум ремија, како и само еден пораз во 31 коло одиграно досега, со што целосно заслужено се враќаат во Серија А по пауза од три години.

Навивачите на старо-новиот прволигаш на Италија ќе имаат дополнителни причини за славје откако се најавува потпис на искусниот напаѓач, 33 годишниот Лоик Реми, кој веќе пристигнал во Италија каде ќе има медицински прегледи утрово.