24фудбал

Пјаниќ: Реал Мадрид е мојот омилен клуб, секогаш ќе остане така

Една изјава на Босанецот во минатото сигурно дека може да му донесе проблеми во односот со навивачите на Барселона, клуб со кого тој веќе потпиша четиригодишен договор.

Шпанија

Се остварија најавите кои извесен период се споменуваа низ повеќе медиуми, Барселона и Јувентус ја реализираа трампата помеѓу Артур Мело и Миралем Пјаниќ, а се чини дека има незадоволство кај фановите на Каталонците кои се сомневаат дека ова е добра зделка за нивниот омилен клуб.

Барса го ангажираше 30 годишниот Пјаниќ за 60 милиони евра, а разликата со трансферот на Артур е 17 милиони евра, сума која ќе треба да ја доплати Јувентус, инаку Босанецот во својот четиригодишен договор со Барселона има клаузула од цели 400 милиони евра.

Јасно е дека очите на сиот фудбалски свет барем за момент ќе бидат вперени во оваа зделка помеѓу Барселона и Јувентус, впрочем нема големи активности на трансфер пазарот на генерално ниво поради кризата со пандемијата од коронавирусот, па на виделина ќе излезат и разни пикантерии.

Таков е случајот со Пјаниќ, медиумите потсетија на една негова изјава дадена во 2009. година, изјава која сигурно дека тешко би им паднала на навивачите на Барселона.

Јас сум навивач на Реал Мадрид од ерата на Зидан и Роналдо, тоа е мојот омилен клуб, секогаш ќе остане така“ рече тогаш Босанецот за најлутиот ривал на клубот за кого ќе игра.