24фудбал

Милан за седум милиони евра ќе откупи двајца играчи кои сега ги има на позајмица

Информациите од Италија велат дека Милан за сума од седум милиони евра ќе потпише перманентни договори со Алексис Саламакерс и Симон Кјаер кои сега играат на позајмица.

Италија

Милан има опција во договорите со Салемакерс и Кјаер за по 3,5 милиони евра позајмиците да ги претвори во перманентни договори. И според „Газета дело Спорт“ тоа и ќе го направи.

Салемакерс во Милан пристигна од Андерлехт во јануари, на почетокот немаше некоја минутажа, но по рестартот на сезоната имаше минути на трите меча и покажа квалитет кој го задоволи раководството. 

21-годишниот Белгиец може да игра на повеќе позиции, и како дефанзивец по десната страна и како играч од средниот ред.

Исто како и него, Симон Кјаер во Милан пристигна во јануари, тој е десет години постар од Салемакерс но брзо се промовираше на стартна позиција во дефанзивата. 

Клубот смета дека тој треба да остане „росонер“ бидејќи неговото искуство е потребно во одбраната.