24фудбал

Три пенали на Камп Ноу, Барса продолжува да испушта водства и бодови (ВИДЕО)

Барселона полека губи здив во трката за титулата со Реал Мадрид, „каталонците“ вечерва одиграа 2-2 против Атлетико Мадрид во меч со три пенали.

Шпанија

Избраниците на Кике Сетиен продолжуваат да испуштаат водства и бодови. Откако во саботата одиграа 2-2 со Селта, вечерва истиот резултат гласеше и на пресметката со Атлетико Мадрид.

Домаќините поведоа по десетина минути игра, Диего Коста си ја затресе сопствената мрежа по еден прекин. 

Гостите дојдоа до 1-1 во 19. минута. Видал го собори Караско во шеснаесетникот, судијата покажа на белата точка, а Диего Коста реши да ја изведе најстрогата казна. Тер Штеген го одбрани ударот, но пеналот беше повторен бидејќи голманот за сантиметри не газеше на гол линијата. Саул го изведе повторениот обид и не погреши.

На стартот од вториот дел и Барса доби најстрога казна. Лео Меси со паненка го матираше Облак за својот јубилејен погодок број 700 и предност од 2-1.

Но водството не траеше долго, Семедо реагираше несмасно во 62. минута, го сопна Караско, па беше досуден и трет пенал на натпреварот. Саул одново превзеде одговорност, Тер Штеген добро прочита но не успеа да спречи нови изедначување.