24фудбал

Новинарот кој објави дека Лео Меси решил да замине од Барса излезе со нови детали

Ману Карењо оваа недела најави потрес на Камп Ноу и заминување на Лео Меси, новинарот сега излезе со нови детали и вели дека две причини стојат зад одлуката да не се продолжи договорот.

Шпанија

До пред неколку дена се чинеше дека новиот договор на Лео Меси е само формалност откако двете страни ги испеглале најголемиот дел од деталите за продолжување на соработката.

Но во четвртокот вечерта, новинарот Ману Карењо најави потрес на Камп Ноу. Тој пренесе дека Аргентинецот ги стопирал преговорите и планира да замине од Барселона во 2021, кога ќе му заврши актуелниот договор.

Ману Карењо во разговор со аргентинскиот весник Оле излезе со нови детели и вели дека две причини стојат зад одлуката на напаѓачот.

„Му се собраа многу работи, не се работи за изолиран настан. Од една страна, почна да разбира дека го нема победничкиот проект кој му беше ветен и знае дека е на крајот од кариерата. Од друга страна, преку глава му од тоа што некој од клубот редовно пушта информации по медиумите“ - вели новинарот на СЕР.

„Смета дека има директори кои не сакаат да превземат одговорност, па велат Меси кажа „ДА“ или „НЕ“. Многу луѓе мислат дека Валверде добил отказ во јануари бидејќи не му се допаѓал на Меси. Или Меси кажува дали Гризман ќе игра...или дали Сетиен ќе продолжи. Па заморен е од вакви работи, и во моментов не сака да стави потпис на нов договор“.

Запрашан дали раководството на Барса си ги чисти рацете со тоа што му ги препишува одлуките на Лео Меси, Ману Карењо вели: „Се добива таков впечатокот, но не знам дали е вистина или не“.

„Видете, соблекувалната има голема моќ, да не ја заборавиме пораката што Меси ја објави на Инстаграм пред неколку месеци кога прстот го впери кон Ерик Абидал и кога порача дека играчите треба да бидат одговорни за игрите на теренот, а директорите за својата работа во канцелариите. Пораката значеше дека трансферот на Нејмар не зависи од него“.

„Мислам дека е невозможно Меси да носи одлуки, особено дали некој да биде купен или не. Секако, има консултации, но така се работи во сите клубови, се бара мислење од капитените и во Реал Мадрид, а верувам и во Бока и Ривер. Но последниот збор го има бордот. Исто така, доколку соблекувалната има голема моќ, за тоа е виновно раководството и не смее да си го дозволи тоа“.

Следната година има избори во Барселона, па дали тоа може да има некакво влијание, новинарот одговори: „Не знам дали Меси навистина планира да замине, само тој знае. Но верувам дека добро ќе размисли дали да го обнови договорот со Бартомеу на чело на клубот“.

„Доколку реши да замине, ќе продолжи да игра, нема да оди во пензија. Има уште три или четири сеозни, но годините си минуваат. Меси не е вечен, како и се останато, и тој има свој крај. Доколку замине, сигурно ќе замине во клуб кој ќе му понуди проект со кој ќе може да победува. Нема многу тимови кои можат да си го дозволат, но сигурно ќе има понуди. Уште сега има луѓе кои ги подготвуваат понудите.

Барселона изминатиов период често се поврзуваше со ангажман на Лаутаро Мартинез, но се уште нема никаков абер. Се шпекулира дека ова засилување е по мерак токму на Лео Меси.

„Дефинтивно со ангажман на Лаутаро Мартинез има обид да се смири тензијата. Се работи за добар напаѓач кој веќе играше со Меси во Аргентина. Добро се разбираат и му се допаѓа на Меси. Останува да видиме дали ќе биде уште едно ветување како она за враќање на Нејмар или навистина ќе се реализира трансфер. Пред да стави потпис на нов договор, Меси сака да види каков проект ќе има и кој ќе биде на чело на тој проект“.