24фудбал

Интер работи на уште еден голем трансфер, Алаба два пати бил во Милано на средба со „нероаѕурите“

Според пишувањата на Спортмедиасет, Интер работи на ангажман на Давид Алаба од Баерн Минхен, Австриецот два пати бил во Милано на преговорите со „нероаѕурите“.

Италија

Интер оваа недела направи голем трансфер откако за 40+5 милиони евра го ангажираше Ашраф Хакими од Реал Мадрид, кој изминативе две сезони во дрсот на Борусија Дортмунд се промовираше во еден од најперспективните десни бекови во Европа.

Антонио Конте сака и нов лев бек, а според Спортмедиасет, Бепе Марота работи на уште еден голем трансфер и ангажман на Давид Алаба, кој одлично може да се снајде и во срцето на одбраната, особено во формација 3-5-2 каква што негува стратегот на Интер.

СМ пишува дека Австриецот два пати бил во Милано на средба со „нероаѕурите“, а на состанокот присуствувал и неговиот татко и суперагентот Захави.

Зделката воопшто не е лесна, Баерн Минхен бара околу 50 милиони евра, а интерес за Давид Алаба пројавуваат уште неколку клубови како Реал Мадрид, Манчестер Сити и ПСЖ.

Интер нема да се предаде, и се надева дека ќе може да го употреби Иван Перишиќ за да плати десетина милиони помалку.

Емерсон Палмиери исто така е опција, неговиот агент ова недела беше забележан во канцелариите на Интер. За неговите услуги, Челси бара 30 милиони евра.