24фудбал

Голот од слободен удар во сенка стави друго големо постигнување, Јувентус немал голгетер како Роналдо дури 60 години!

Кристијано Роналдо го скрши малерот и конечно постигна гол од слободен удар во дресот на Јувентус, па овој податок во сенка стави друго големо постигнување, „старата дама“ немала голгетер како ЦР7 од сезоната 1960/61.

Италија

Јувентус попладнево со 4-1 го доби градското дерби со Торино, а Кристијано Роналдо постигна прекрасен гол од слободен удар. ЦР7 конечно го скрши малерот, му беа потребни 43 натпревари за да погоди од прекин во дресот на „старата дама“, а по крајот на натпреварот и самиот призна дека му паднал камен од срцето.

„Ми требаше ова, за да ми се зголеми самодовербата“ – истакна Португалецот по последниот свиреж.

Голот од слободен удар во сенка стави едно друго големо постигнување. За Кристијано Роналдо ова беше погодокот број 25 оваа сезона во Серија А и за да го најдеме последниот играч на Јувентус кој успеал да стигне до ваква бројка, треба да се вратиме 60 години во минатото.

Се работи за Омар Сивори, кој во сезоната 1960/61 постигнал 25 погодока.

Кристијано Роналдо исто така е само седмиот фудбалер во историјата на Јувентус кој успеал да постигне барем 25 погодка во една сезона во најсилното првенство на Италија.