24фудбал

20 во 2020, Баерн се прошета и до титулата од Купот на Германија (ВИДЕО)

Баерн Минхен без многу проблеми го совлада Баер Леверкузен во финалето за титула број 20 во Купот на Германија, „баварците“ славеа со 2-4 на „Олимпискиот“ стадион во Берлин.

Германија

На почетокот од ноември, Баерн беше во криза. Ниту играта, ниту резултатите не беа на посакуваното ниво, па Нико Ковач доби отказ. Ханси Флик на привремена основа го превзеде кормилото, но стратегот за кратко време успеа да ги консолидира редовите и „баварците“ почнаа да мелат.

Минатиот месец, Баерн со леснотија по 30-ти пат стана шампион на Германија, а вечерва се прошета и до титулата во Купот, со 2-4 го доби финалето против Баер Леверкузен на „Олимпискиот“ стадион во Берлин.

Алаба од слободен удар мајсторски погоди за 0-1, а во 24. минута, Гнабри прецизно биеше по земја за 0-2. По еден час игра „баварците“ веќе водеа со 0-3 со голот на Левандовски.

Пет минути подоцна, Бендер намали на 1-3, но „фармацевтите“ не успеаја да сторат ништо повеќе.

Во последните мигови од мечот, Левандовски по втор пат се запиша во листата на стрелци и зголеми на 1-4, а длабоко во судиското надополнување, Хаверц од пенал само го ублажи поразот и ги постави конечните 2-4.

За Баерн Минхен ова е титулата број 20 во Купот на Германија, и рекордна 13-та двојна титула.