24фудбал

Задоцнета реакција од Барселона и Бартомеу: ВАР секогаш фаворизира еден ист тим

Претседателот на Барселона, Жозеп Мариа Бартомеу побара да разговара со медиумите по синоќешната победа над Виљареал за да се пожали дека Реал Мадрид добива помош од судиите.

Шпанија

На четири кола пред крајот на сезоната, кога Барселона има минус четири во однос на Реал Мадрид и минимални шанси за титулата, Жозеп Мариа Бартомеу реши да го крене гласот за некои спорни судиски одлуки по ре-стартот на Ла Лига.

Првиот човек на „каталонците“ по синоќешната победа од 1-4  над Виљареал побара да разговара со медиумите и рече: „ВАР не е фер кон сите, секогаш се фаворизира еден ист тим. Жалам што во најдоброто првенство во светот, ВАР не е на висината на задачата“.

Иако конкретно не го спомена Реал Мадрид, на сите им е јасно на што алудираше претседателот на Барселона.

„По ре-стартот на сезоната, на многу натпревари немаше еднакви одлуки и имаше многу фаворизирање, многу тимови беа ставени во подредена улога“.

„ВАР треба да им помогне на судиите, но на последните неколку натпревари сите видоа дека ВАР не се користи добро“.

Слична реакција имаше од Реал на почеткот од годината, неколку одлуки со ВАР не беа во полза на „кралевите“ па во Мадрид го кренаа гласот, а првиот човек Флорентино Перез дури лично му се јави на претседателот на Фудбалската федерација на Шпанија, Луис Рубиалес за да изрази револт.