24фудбал

Легендата на „каталонците“: Проблемот на Барса не се судиите и ВАР... знам зошто Бартомеу плаче

Поранешниот фудбалер на Барселона, Ривалдо вели дека судиите и ВАР не се причините поради кои „каталонците“ го загубиле врвот и додава дека Жозеп Мариа Бартомеу намерно го вперил прстот кон арбитрите и видео технологијата за да одвлече внимание од вистинските проблеми.

Шпанија

Ривалдо ги прокоментира случувањата на Камп Ноу и сериозните обвинувања кои ги упати првиот човек на Барселона, Жозеп Мариа Бартомеу кој порача дека Реал Мадрид е фаворизиран од судиите и затоа „кралевите“ по ре-стартот на сезоната избиле на првото место и сега се на чекор до титула во Ла Лига.

„Барселона го победи Еспањол во каталонското дерби но очекував многу подобра игра од избраниците на Кике Сетиен. Тоа беше разочарувачки чекор наназад откако прикажаа одлична партија против Виљареал во неделата. Загрижен сум, Реал никако да киксне во трката за титулата“ - вели Ривалдо во својата колумна за Бетфер.

„Понекогаш со право се чувствувате вознемирен од судиските одлуки и ВАР, но не се сложувам со претседателот Жозеп Мариа Бартомеу кога тој вели дека Реал е фаворизиран. Тој едноставно се обидува да го одвлече вниманието на медиумите од вистинските проблеми кои ги има неговиот клуб“.

„Барселона се уште е во битка за титулата од Ла Лига и Лигата на шампиони, но се наоѓа во лош моментум. Бартомеу се обидува да го искористи ВАР за да се оправда пред фановите и да се преправа дека за она што се случува не е виновен тој, играчите или тренерот“.

„Според мене, проблемот на Барса не е ВАР или судиските одлуки, главен проблем е квалитетот на играта, кој мора да се подобри и да се врати повторно стилот на кој сите ширум светот му се воодушевуваа“.

„Беа лидери пред прекинот на сезоната, и сега имаат минус четири во однос на Реал Мадрид, па не може да кажете дека ВАР е главен виновник за ова, особено кога ќе видите како Барселона игра“.

„Мислам дека тимскиот дух на Барса беше нарушен од карантинот, дел од фудбалерите се далеку од врвна форма, а и тоа што играат без фанови одзема дел од емоциите. Но Реал Мадрид за кратко време успеа да влезе во ритам и да ја искористи шансата“.

„Загрижен сум и за осминафиналето во Лигата на шампионите. Без фанови на Камп Ноу, Наполи има шанси за пласман понатаму, особено што сега играат многу добро“.