24фудбал

Интер и Барселона имаат пакт за Лаутаро Мартинез

Според пишувањата на Газета дело Спорт, Интер и Барселона се договориле да преговараат за трансфер на Лаутаро Мартинез во август, односно по крајот на сезоната.

Италија

Минатиот месец имаше многу гласини за трансфер на Лаутаро Мартинез на Камо Ноу, речиси секој ден се пишуваше што е подготвена Барселона да стави на маса и кои се играчи би можеле да бидат вклучени во зделката.

Од таборот на Интер порачаа дека единствен начин за Аргентинецот да замине е доколку некој ја плати откупната клазула од 111 милиони евра, која истече на 7. јули (некои медиуми инсистираат дека е активна до 15. јули).

Во последно време е прилично тивко на оваа тема, а според пишувањата на Газета дело Спорт, двата клуба направиле пакт и се договориле во моментов да нема никаква комуникација и преговорите да продолжат во август, односно по крајот на сезоната.

„Нероаѕурите“ сметаат дека шпекулациите го исфрлиле Лаутаро Мартинез од ритам, па сакаат тој во следниот период да се фокусира само на мечевите од Серија А и Лига Европа и да помогне за што подобар пласман.

Првиот човек на Барселона, Жозеп Мариа Бартоему денеска изјави дека преговорите со Интер се стопирани, дека тие сега анализираат и по крајот на сезоната ќе одредат кои им се приоритетите.