24фудбал

Клоп вели дека одлуката на ТАС не е добра за фудбалот, Мурињо пак смета дека е срамна и катастрофална

Јирген Клоп и Жозе Мурињо ја прокоментираа одлуката на Судот за спортска арбитража да ја укине казната на Манчестер Сити и забраната за настап во Европа од две години, Германецот вели дека не е добра за фудбалот, додека пак Португалецот смета дека е срамна и катастрофална.

Англија

ТАС синоќа ја прифати жалбата на Манчестер Сити, па „граѓаните“ следната сезона ќе играат во Лигата на шампионите. Одлуката за многумина е изненадување но Судот за спортска арбитража вели дека УЕФА не понудила доволно докази, а и за дел од обвиненијата застарело делото.

„Вчерашниот ден не беше добар за фудбалот“  - вели Клоп. „Финансискиот фер плеј е добра идеја, поставен е да ги заштити тимовите и конкурентноста. Замислата е клубовите да не се разфрлаат со пари и да трошат онолку колку што имаат. Не е на мене да кажам дали одлуката на ТАС е исправна или не, но се надевам дека ФФП ќе остане бидејќи има одредени финансиски граници и тоа е добро за фудбалот. Ако тргнеме по пат на кој никој нема да се грижи и богатите ќе можат да трошат колку што сакаат, ќе биде тешко да се натпреварувате. Тоа по автоматизам ќе донесе светска супер лига со 10 клубови во зависност од тоа кој го поседува клубот“.

Од друга страна, на Германецот му е мило што Манчестер Сити ќе игра во Лигата на шампиони, бидејќи ривалите ќе имаат поголеми шанси во Премиерлигата.

„Ако во фокус го ставиме домашното првенство и Сити треба да игра 10-12 натпревари помалку, мислам дека другите екипи ќе немаат никаква шанса“.

И додека Јирген Клоп беше умерен во коментарите, Жозе Мурињо реши жестоко да распали.

„Одлуката е срамна“ – вели тренерот на Тотнем. „Доколку Сити не е виновен, зошто ги казнуваат со 10 милиони? Штом не се виновни, нема потреба за парична казна. Од друга страна, ако се виновни, одлуката повторно е срамна бидејќи треба да им се забрани настап“.

„Во секој случај, одлуката е катастрофална“.

„Не велам дека Манчестер Сити е виновен. Едноставно валам дека ако не се виновни, не треба да платат. Знам дека парите не им се проблем, но штом не се виновни, не треба да платат ниту една фунта“.