24фудбал

Им собра 100 милиони евра па не му се игра веќе во Кина, Хулк бара нов клуб

Бразилецот Хулк соопшти дека нема намера да го продолжи договорот со Шангај СИПГ, напаѓачот исто така не сака да продолжи во Кина и ќе одбере нов клуб во Европа или Бразил.

Останато

Хулк беше едно од неколкуте звучни имиња кои примамени од милоните пред неколку години решија да ја напуштат Европа и да се преселат во Кина. Напаѓачот беше еден од најплатените ѕвезди во Кина, со годишни примања од преку 23 милиони евра.

Откако финасиски обезбеди неколку поколенија (ќе заработи околу 100 милиони евра од четириипол годишниот престој) Бразилецот реши дека е доста и соопшти дека заминува од Шангај СИПГ на крајот од годината, кога му истекува договорот.

Хулк има понуди од Бразил и Европа, вели дека парите не му се приоритет и ќе одбере место каде што ќе биде среќен и каде што ќе има минутажа.

„Во декември ми завршува договорот, па веќе имав состанок со раководството на клубот и ги известив дека нема да ја продолжам соработката. Сега пристигнуваат многу предлози, од различни земји. Имам понуди од клубови од Европа кои играат во Лигата на шампионите, имам понуди и од Бразил, а имам понуди и од Кина. Но повеќе не сака да играм во Кина. Анализирам, го молам Бог да ми помогне да го направам најдобриот избор и да ме служи здравјето“ – вели Хулк.

„Парите не се приоритет, сакам во новиот клуб да бидам среќен и да имам минутажа. Не сум одлучил ништо, знам само дека во декември ќе бидам слободен играч“.