24фудбал

Морати: Што му треба на Интер за да го сопре Јуве? Две-три квалитетни засилувања... но и само Меси ќе биде доволен!

Поранешниот прв човек на Интер, Масимо Морати вели дека соновите некогаш се остваруваат, особено во фудбалот, па не ја исклучува можноста Лео Меси да го облече дресот на „нероаѕурите“.

Италија

Лео Меси е дамнешен сон на Интер, токму Масимо Морати имаше обид да го донесе фудбалерот на Џузепе Меаца пред повеќе од 15 години, кога Аргентинецот беше тинејџер и почнуваше да се пробива на фудбалската сцена.

Овој месец одново се вратија гласините за преселба на Лео Меси во Интер, наводно неговиот татко купил имот во Милано и тоа многу блиску до канцелариите на „нероаѕурите“.

Во пресрет на дуелот помеѓу Интер и Наполи, од Кина пристигнаа нови сигнали. Како најава за дербито, стриминг сервисот ППТВ, кој е во сопственост на Сунинг, објави слика со силуетата на Лео Меси на ѕидините на миланската катедрала „Дуомо“.

Гласините ги прокоментира и Масимо Морати, кој ги подгреа шпекулациите и порача дека соновите понекогаш се остваруваат.

„Што му треба на Интер за да го сопре Јувентус? Две-три квалитетни засилувања... но и само Меси ќе биде доволен!“ - изјави поранешниот прв човек на „нероаѕурите“.

„Соновите понекогаш се остваруваат, особено во фудбалот. Прочитав дека неговиот татко купил имот во Милано, во близина на канцелариите на Интер. Се надевам дека тоа може да биде некаков сгинал. Можеби за да стави потпис на договорот ќе оди пеш...“