24фудбал

Дали Милик ќе биде новиот предавник во Неапол?

Медиумите од Италија продолжуваат да пишуваат за трансфер на Аркадиуш Милик во Јувентус, се верува дека Полјакот начелно се има договорено со „старата дама“ и останува уште шампионот на Италија да пронајде заеднички јазик со Наполи за висината на обесштетувањето.

Италија

Аркадиуш Милик ја одработува последната година од договорот, не може да пронајде согласност со Наполи за продолжување на соработката и неговите денови на Сан Паоло се одбројани.

На дуелот со Интер, јасно беше дека неговите мисли се на друго место, примедби доби и од тренерот Џенаро Гатузо.

„Не ми се допадна како одигра, очекувам многу повеќе од него“ – истакна популарниот Рино.

Според Скај Италија, Аркадиуш Милик начелно се има договорено со Јувентус и постигната е основа за условите под кои Полјакот ќе го облече дресот на „старата дама“.

Сега останува двата клуба да пронајдат согласност за висината на обесштетувањето. Се говори дека Наполи бара 50 милиони евра, пари кои Јувентус нема намера да ги одвои. Шампионот на Италија се надева дека ќе може да вметне некој играч, во последно време се споменува името на Федерико Бернардески, за да ја намали сумата која треба да се плати.