24фудбал

Гвардиола: Може нема да ми верувате, но мило ми е за успесите на Зидан!

Пеп Гвардиола има многу пофални зборови за Зинедин Зидан, вели дека му се восхитува на Французинот и мило му е за успесите кои ги бележи.

Лига на Шампиони

Во пресрет на реваншот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити во осминафиналето од Лигата на шампиони, Пеп Гвардиола разговараше со ДАЗН. Шпанецот вели дека ништо не е готово и покрај тоа што неговиот тим славеше на Бернабеу со 2-1 и упати многу пофални зборови за Зинедин Зидан.

„Имаме добар резултат од првиот натпревар, но доколку мислиме дека тоа е доволно за прогрес во четвртфинале, ќе имаме многу проблеми. Доколку има тим кој знае како да се врати од ваков резултат, тоа е Реал Мадрид. Одлично се снаоѓаат во Лигата на шампионите, и знаат како да играат во ова натпреварување“ – вели тренерот на „граѓаните“.

За својот колега од таборот на „кралевите“, тој вели: „Може нема да ми верувате, но мило ми е за успесите на Зинедин Зидан. Добро е за фудбалот кога луѓе како него бележат успеси“.

„Она што тој го стори, освои три титули во низа во Лигата на шампиони, плус и зема две титули во Ла Лига на Барселона во годините кога доминираат како никогаш претходно во првенството, покажува само колку е способен тој“.

„Му се восхитувам, и за играчот кој беше и сега за тренерот кој е сега. Би сакал да имав прилика да играм покрај него“.