24фудбал

Де Лаурентис ги реши сите дилеми и откри колку Наполи ќе плати за Осимен

Првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис открива дека ќе бидат платени 80 милиони евра за Виктор Осимен, а напаѓачот ќе има годишна плата помеѓу 4 и 4,5 милиони евра.

Италија

Виктор Осимен денеска стана најскапото засилување во историјата на Наполи, но имаше различни написи за тоа колку милиони ќе бидат платени. Медиумите од Италија пишуваа дека се работи за трансфер од 50+10 милиони евра, додека пак медиумите од Франција велеа дека станува збор за зделка од 81 милион евра.

Попладнево, Аурелио Де Лаурентис откри дека Лил ќе добие приближно 80 милиони евра.

„Гатузо инсистираше на негов ангажман, па многу е среќен. Морам да го пофалам Џунтоли (спортскиот директор), многу добро ги водеше преговорите. Што се однсува до сумата, Лил ќе добие цирка 80 милиони евра. Играчот пак во текот на годините ќе има плата помеѓу 4 и 4,5 милиони евра по сезона“ – вели првиот човек на Наполи.

И покрај ваквите коментари на Де Лаурентис, Скај вели дека Лил во пари ќе добие 47,5 милиони евра нето (50 милиони евра бруто), како и 10 милиони евра во бонуси кои ќе бидат малку потешко остварливи, плус четворица фудбалери кои се проценети на 20 мииони евра.

Се работи за голманот Орестис Карнезис и младите фудбалери Клаудио Манци, Чиро Палмиери и Лујџи Лугори.