24фудбал

Барселона преку Наполи стигна до Лисабон (ВИДЕО)

Барселона со 3-1 го победи Наполи и со вкупни 4-2 се пласира на завршниот турнир во Лисабон, Елиф Елмас ги одигра последните 15 минути од мечот.

Лига на Шампиони

Барселона ја оправда фаворитската улога против Наполи, дојде до резултатот кој го посакуваше и оди понатаму во Лигата на шампионите. 

Елмас од клупата го започна мечот, ги одигра последните 15 минути од мечот, беше добар, но не успеа да му помогне на својот тим да даде гол и да се врати комплетно во натпреварот.

Мечот почна со голема шанса за Наполи, Мертенс се најде во одлична позиција, но лошо ја зафати топката, а и покрај тоа ја погоди стативата од голот на Тер Штеген.

Наполи напаѓаше на стартот од мечот, но брзо дојде студениот туш, Ленгле погоди со глава по центаршут на Ракитиќ од корнер, Барселона поведе со 1-0.

Само 13 минути подоцна Барса го зголеми водството на 2-0, стрелец на голот беше Лео Меси.

Во 30. минута Меси даде уште еден гол, но му беше поништен со ВАР поради играње со рака.

Пред крајот на првото полувреме Барса доби пенал откако Меси добро ја постави ногата и доби удар од Кулибали кој сакаше да ја шутне топката. Пеналот прецизно го изведе Суарез за убедлива предност од 3-0.

Но брзо потоа пенал доби и Наполи, Инсиње погоди од белата точка, намали на 3-1 за колку толку поинтересно второ полувреме.

Во вториот дел Наполи беше поактивен, Барселона не беше многу заинтересирана за напад, но тимот на Гатузо пирово напаѓаше. Милик даде гол кој му беше поништен поради офсајд.

На крајот Барселона заслужено победи и во четврт финалето ќе игра против Баерн Минхен кој убедливо со 4-1 го совлада Челси.