24фудбал

Шкупи со големо засилување во одбраната (ФОТО+ВИДЕО)

Стоперот беше дел од големиот успех на Карабах во настапите во групната фаза од Лигата на шампионите пред три сезони, освен тоа, има искуство и во групната фаза од Лига Европа.

Македонија

27 годишниот Елвин Јунузада е новото засилување за македонскиот прволигаш Шкупи, а централниот дефанзивец на Чаир доаѓа откако остана без клуб летово, по завршувањето на обврските со босански Челик, каде беше ангажиран во февруари, меѓутоа компликациите со пандемијата доведоа до тоа да не успее да запише ниту еден настап за тој клуб.

Претходно, Азербејџанецот настапуваше за клубови од неговиот домашен шампионат како Нефчи, Карабах, како и Сабах, а има запишано три настапи се сениорскиот национален состав на Азербејџан, на кои има постигнато и еден гол.


Јанузада потпиша едногодишен договор со Шкупи, а како што објавија од клубот од Чаир, во договорот помеѓу обете страни постои и опција за дополнително уште една година соработка, стоперот вели дека првичните импресии од тоа што го видел во новиот клуб се одлични.

Се чувствувам многу среќен што постигнав договор со клубов, од вчера сум во Скопје и веќе видов прекрасна атмосфера во клубот, го гледав и вчерашниот меч, имам одлични импресии, сметам дека заедно со останатите новајлии во тимот, ќе бидеме кандидати за шампиони во ова првенство“ изјави Јанузада за официјалниот клупски сајт на чаирчани.

Исто така, морам да напоменам дека имам само пофални зборови за тренерот (Муарем Бајрами), одличен е, многу енергичен со голем карактер, исто така имам и порака до навивачите кои и покрај ситуацијата со пандемијата беа заедно со клубот, дека ќе уживаат во сите натпревари“ додаде дефанзивецот.


Шкупи новата сезона во домашниот фудбалски шампионат ја стартуваше со реми на домашен терен против Шкендија од 2-2, а Чаирчани имаа и водство од 2-0 со обата гола на офанзивецот од Гамбиа, Дембо Дарбо.

Во првото квалификациско коло од Лига Европа, составот на Муарем Бајрами ќе ги одмери силите со бившиот клуб на Јанузада, Нефчи.

 

Фото:” fcshkupi.com/