24фудбал

Алиоски и Пандев ќе имаат ист газда?

Газдата на Џенова не е омилен лик помеѓу навивачите на овој клуб кој втора сезона по ред обезбедува опстанок во елитното фудбалско друштво на Италија во последното коло.

Италија

Повеќе медиуми во Италија јавуваат дека група бизнисмени, меѓу кои и газдата на Лидс, Андреа Радрицани веќе испратиле понуда за преземање на италијанскиот прволигаш Џенова, која во моментов е во сопствеништво на Енрико Прециози.

Џенова неколку години е на продажба, меѓутоа барем досега Прециози не успеа да постигне договор со заинтересираните страни, а сега постои можност токму газдата на Лидс, клуб каде игра нашиот интернационалец Езгјан Алиоски, Радрицани, да биде сопственик и на клубот каде настапува нашиот капитен Горан Пандев.

Се верува дека понудата на Радрицани сериозно се разгледува во Џенова, а идејата е клубот да се преземе во декември или јануари, а Прециози јасно наведе дека кај него постои желба за договор.

Секоја година јас го велам истото, мислам дека ова е година кога можам јас и моето семејство да се тргнеме настрана од фудбалскиот свет по цели 35 години, време е да се повлечеме и сево ова да го оставиме на други кои ќе можат да бидат уште подобри од нас“ рече газдата на Џенова кој не ужива голема доверба кај навивачите на тој клуб.

За Џенова претстои нова сезона помеѓу најдобрите во Италија, односно Серија А, што се однесува пак до Лидс, овој клуб по пауза од цели 16 години избори место во Премиерлигата.