24фудбал

Строгите правила на УЕФА за ЛШ на тест, Дрита може службено да го загуби мечот со Линфилд поради коронавирус

Дуелот помеѓу Дрита од Косово и Линфилд од Северна Ирска во претквалификациите од Лигата на шампиони е одложен откако втор фудбалер на Дрита била позитивен на коронавирус, а здравствените власти наредиле целиот тим да оди во карантин.

Лига на Шампиони

Денеска во Нион, Дрита требаше да ги одмери силите со Линфилд во претквалификациите од Лигата на шампиони, но на два часа пред одигрување на мечот, стигна соопштение дека истиот е одложен.

УЕФА се решила на еден ваков чекор откако втор фудбалер на Дрита бил позитивен на коронавирус.

Пред да отпатуваат за Швајцарија, целиот тим на Дрита бил тестиран и резултатите биле негативни. Во петокот, биле направени нови тестови во пресрет на дуелот со Интер од Андора, и еден фудбалер бил позитивен. Тогаш било решено во изолација да оди само тој, и уште еден негов соиграч со кој имал близок контакт.

Во понеделникот била направена нова рунди тестови која донела уште еден позитивен случај. Новиот фудбалер кој е заразен со ковид-19 имал контакт со голем број на соиграчи, па здравствените власти на Швајцарија наредиле целиот тим да оди во карантин.

Случајот сега ќе биде предаден на дисциплинската комисија при УЕФА, а според пишувањата на медиумите, Дрита најверојатно ќе загуби со службени 3-0 и ќе биде прва жртва на новите правила на европската куќа на фудбалот.

Тренер на косовскиот шампион е Адријан Нухиу, а за овој тим настапуваат и тројца фудбалери од Македонија, Адријан Цуцули, Изаир Емини и Бунјамин Шабани.