24фудбал

„Главата“ на Сетиен ќе летне, Покетино е фаворит за нов тренер на Барса и покрај тоа што е човек на нивниот голем ривал

Медиумите блиски до Барселона пишуваат дека Маурисио Покетино е фаворит за нов тренер на Барселона, Кике Сетиен наскоро ќе добие отказ.

Шпанија

Барселона синоќа не само што загуби од Баерн Минхен туку беше буквално понижена како никогаш досега. Неминовен е отказот на Сетиен, но фановите бараат многу подлабоки промени.

Сепак најпрво се почнува со шпекулациите за нов тренер, а каталонскиот весник „Спорт“ како фаворит го посочува Маурисио Покетино.

Тој и претходно се поврзуваше со тренерското место на Барселона, но неговото минато беше проблем да седне на клупата на Барса.

Покетино е човек на нивниот градски ривал, Еспањол. Како фудбалер помина дури девет сезони во Еспањол, таму играше од 1994 до 2001 и од 2004 до 2006 кога се пензионираше. 

Во 2009 година Покетино ја почна и тренерската кариера од Еспањол, се задржа три години па премина во Саутемптон, а од таму во Тотнем.

„Спорт“ тврди дека ако порано се гледаше како проблем фактот што Покетино е човек на Еспањол, сега раководството на Барселона е подготвено да премине преку тоа и да побара од него да седне на нивната клупа.

Како можно решение се споменува и Чави, но тешко дека тој би прифатил да стане тренер на Барселона во овој бурен период. Следната година следуваат и претседателските избори, па легендата на Барса сака да почека некои помирни денови за да го оствари својот сон.