24фудбал

Шахтар ја почувствува силата на тандемот Лукаку - Лаутаро, Интер моќно до финалето! (ВИДЕО)

Интер со фантастични 5-0 го победи Шахтар и во голем стил се пласира во финалето од Лига Европа каде што за трофејот ќе се бори против Севиља, Лукаку и Лаутаро постигнаа по два гола.

Лига Европа

Интер многу полесно од очекувањата дојде до триумф над Шахтар, тимот на Конте одигра перфектна партија, во текот на целиот меч го контролираше натпреварот, имаше цврста одбрана и ефикасен напад. Украинскиот тим не можеше да парира.

Лаутаро Мартинез по подолго време го покажа својот голем и раскошен талент, тандемот со Лукаку беше на нивото од првиот дел од сезоната, а кога е така тешко им се пишува на противниците.

Резултатот беше отворен во 19. минута кога по асистенција од Барела, Лаутаро постигна гол за водство на Интер од 1-0.

На втор погодок се чекаше до 64. минута кога Брозовиќ убаво нафрли од корнер, а Д'Амброзио со глава реализираше за 2-0.

Потоа за десет минути беа постигнати три голови, во 74. минута по додавање од Лукаку, Мартинез погоди уште еднаш за убедливи 3-0, веќе беше јасно кој е победникот на овој дуел.

Четири минути подоцна Лаутаро Мартинез возврати на Лукаку за асистенцијата, Белгиецот погоди 4-0, а тој во 84. минута ги постави и конечните 5-0.

Во петочното финале Интер ќе игра со Севиља која синоќа го победи Манчестер јунајтед со 2-1.