24фудбал

Коронавирус циркус во Лигата на шампиони, Слован треба да игра со младинци за да не изгуби службено

Коронавирусот прави проблем на уште еден натпревар во Лигата на шампиони, Слован Братислава треба да одбере помеѓу елиминација со службени 3-0 или настап со младинци.

Лига на Шампиони

Откако косовска Дрита стана првиот тим кој службено загуби поради новите правила и протоколи на УЕФА, коронавирусот направи циркус и на мечот помеѓу Клаксвик и Слован Братислава во првото коло од квалификациите во Лигата на шампиони.

Пред да летнат за Фарските Острови, фудбалерите на Слован Братислава биле тестирани и имало еден случај на коронавирус. Се верува дека се работи за Владимир Вајс, кој остана дома заедно со уште двајца други фудбалери.

По пристигнувањето во Фарските Острови, делегацијата на клубот од Словачка била тестирана повторно, и се појавил нов случај на заразен со коронавирус. И покрај тоа што се работи за физиотерапевт, локалните здравствени власти бараат целиот тим да седи во карантин од 14 дена, или сите веднаш со чартер летот да се вратат дома.

Па натпреварот кој вечерва требаше да почне во 20 часот сега е одложен, а УЕФА испратила ултиматум до Слован Братислава. Европската куќа на фудбалот е подготвена да закаже нов меч во петок, но за Слован Братислава ќе треба да играат играчи кои не се во карантин, односно младинци. Во спротивно, ќе биде доделена службена победа од 3-0 за Клаксвик.