24фудбал

Никој не знае да го освојува овој трофеј како Севиља, Лукаку е трагичарот на Интер (ВИДЕО)

Севиља по шести пат освојува Лига Европа (Куп на УЕФА), овој пат во финалето го победија Интер со 3-2, решавачкиот погодок беше автогол на Ромелу Лукаку.

Лига Европа

Кога Севиља ќе дојде до финалето од овој куп, го освојува, во последните 15 години ова им е шести трофеј во Лига Европа (Куп на УЕФА), овој пат настрада Интер.

А почетокот за тимот на Конте беше како од соништата, во четвртата минута Лукаку избори пенал и сам го реализираше за водство од 1-0.

Но само седум минути подоцна по асистенција од Навас, Де Јонг погоди со глава за израмнување на 1-1. Истиот играч повторно со глава во 33. минута реализираше за комплетен пресврт и водство на Севиља од 2-1.

Само три минути подоцна нов гол, Годин го изедначува резултатот на 2-2. Со реми се замина на полувремето.

Вториот дел не беше возбудлив како и првото полувреме, но решението за победникот дојде во него. Во 74. минута биеше Диего Карлос, а Лукаку си ја внесе топката во сопствената мрежа за водство и победа на Севиља од 3-2.

До крајот Севиља знаеше како да го задржи времето по што сосема заслужено се радуваше на големиот трофеј.