24фудбал

Македонија со бод се враќа од Грузија (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација одигра нерешено 1-1 на гостувањето кај Грузија, половина час игравме со фудбалер помалку откако Висар Муслиу престрого доби директен црвен картон.

Македонија

Македонија не успеа да ги освои трите бода од гостувањето кај Грузија, одигравме нерешено во меч кој треба брзо да се заборави.

За неубавиот фудбал улога има и теренот кој беше покриен со вода во најголемиот тек поради силниот дожд кој го зафати Тбилиси пред мечот.

Освен постигнатиот гол, не успеавме да создадеме ниту една посериозна шанса за втор гол.

Грузија поведе уште во 13. минута со гол од пенал на Окриашвили. Прекршокот за најстрогата казна го направи Алиоски.

20 минути подоцна одлична акција на Македонија, Горан Пандев убаво го проигра Ристовски кој постигна гол за израмнување на 1-1.

Во продолжението од мечот речиси и да немаше ништо, ние не создававме шанси, а ниту Грузијците не беа опасни кон голот на Шишковски.

Спорен момент се случи во 64. минута кога Висар Муслиу престрого доби директен црвен картон, Македонија остана со фудбалер помалку до крајот на мечот.

Таквиот однос на силите на теренот допринесе Грузија да ја зголеми офанзивата, а ние чекавме од контра да го загрозиме нивниот гол.

Најголемата и единствена вистинска шанса на мечот ја имаше Грузија во 95. минута кога Шангелија биеше одлично, но право во Шишковски кој ја спаси Македонија од пораз.

По две одиграни кола Македонија и Грузија имаат по четири бода, Ерменија која денеска славеше над Естонија со 2-0 има три бода, а Естонците немаат бодови.

Фото: ФФМ