24фудбал

„24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“: Направете ја разликата со ѕвездите во сенка

На два дена до стартот на новата сезона ја објавуваме претпоследната анализа пред самиот старт на новите возбудувања во Фантази Премиерлигата, за веќе во петок да следи и конечната листа на фудбалери која ја предложуваме.

Останато

Атмосферата се загрева, а возбудата кај натпреварувачите ширум светот расте од ден на ден, Фантази Премиерлигата се враќа на програмата и тоа уште од сабота со што започнува и новата сезона во Премиерлигата.

Добредојдовте во уште една анализа од едицијата „24ФУДБАЛ СКАУТ ФАНТАЗИ“, а откако претходно ги наведовме сите изведувачи на прекините кај Премиерлигашите, еден мошне интересен детал за натпреварувачите, како што најавивме, во новата анализа ќе наведеме ѕвезди во сенка кои можат да ви ја донесат потребната разлика во однос на бодовите.

ПРЕТХОДНАТА АНАЛИЗА: Пеналџии и изведувачи на слободни удари кај Премиерлигашите

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Доколку започнеме со голманската позиција, нема никакви дилеми во Алекс МекКартни (4.5) од Саутемптон кој освен што има и повеќе од скромна цена, дополнително е привлечен и неговиот распоред кој ветува многу.

Ланската сезона чуварот на мрежата од голот на Саутемптон ја забетонира својата позиција и место во тимот со седум клин шита, односно седум меча на кои го сочува својот гол од налетите на противниците. До овие моменти, МекКартни е третиот избор кај натпреварувачите по Рајан (4.5) од Брајтон кој е исто така и повеќе од солиден избор, односно Ник Поуп (5.5) од Барнли кој сезонава доби мошне повисока цена по неверојатните перформанси во ланската.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Тимоти Кастање (5.5), Белгиецот кој летово ја пополни големата дупка во Лестер која остана празна по заминувањето на Бен Чилвел во Челси, велат дека има само една мана во својата игра – многу почесто од потребното се задржува на противничката половина, а со самото тоа и повеќе од доволно демонстрира дека особено внимава на офанзивниот дел од неговата игра.

Белгиецот има капацитет да игра на обете страни, па дури да биде користен и како крило, па не би зачудило доколку Брендон Роџерс на крајот се реши да го користи на една таква позиција, за зад него на бековските позиции да ги задржи младите Томас и Џастин, вториот е привремена замена за повредениот Переира кој ќе се врати на почетокот од идниот месец.


Речиси и да нема дилеми во неговиот квалитет кој ветува многу на левата бековска позиција, даде голем допринос во испишувањето нови страници во клупската историја на Аталанта, а сега ќе има огромна можност за докажување и во Премиерлигата.

Би било навистина голема штета да не се обидете со Кастање чија офанзивна игра ветува многу бодови, а дополнителна мотивација е секако и распоредот на „Лисиците“.

Џон Иган (5) импресионираше во дресот на Шефилд Јунајтед ланската сезона, особено по рестартот, постигна два погодоци, а воедно додаде и една асистенција, генерално гледано, освои одличен скор од 13 клин-шита, а во моментов е на четвртото место во однос на најкупувани дефанзивци, ќе додадеме и дека има одличен распоред, би можеле да го користите во дури четири кола на стартот, освен на гостувањето кај Арсенал во четвртото, каде ќе биде мошне тешка мисија да неговиот тим не прими гол во сопствената мрежа, барем кога говориме за бодови од клин-шит.

Многумина во Џарад Брентвајт (4) од Евертон гледаат одлична перспектива, а сигурно Карло Анчелоти ќе биде пред голем предизвик дали да тргне со 18 годишниот централен дефанзивец како стартер во новата сезона, доколку сумираме од првите впечатоци, речиси сигурно е дека младиот Англичанец ќе биде регуларен стартер, откако во завршницата од ланската сезона на одличен начин ја искористи повредата на поискусниот Јери Мина.

Цената, а воедно и распоредот на „Карамелите“ е повеќе од причина да го селектирате Брентвајт во вашиот состав, па дури и како фудбалер на клупата за резерви, односно за ротација.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Сент-Максимин (5.5) беше една од ѕвездите по рестартот на сезоната, а Французинот од составот на Њукасл дури на еден меч запиша неверојатен скор од три асистенции, сезоната на генерална основа ја заокружи со три погодоци, односно пет асистенции, дополнително доби осум бода од исто толку клин-шита.


Ќе додадеме и дека Сент-Максимин е седми на листата моментално во однос на најкупуваните фудбалери од средниот ред, а има и ветувачки распоред, во новата сезона во нападот за соиграч ќе го има Калум Вилсон, а на спротивната крилна позиција Рајан Фрејзер.

Во моментов само 2.7% од натпреварувачите го селектираа Деле Али (8) од Тотнем, а статистиката говори дека тој има учество во 43% од головите на „Спарси“ ланската сезона, што е за само три проценти помалку од Сон, кој пак има дури 29.1% од натпреварувачите кои му ја укажаа довербата. Како и да е,

Али е веројатно подобра опција од неколку причини, прво и основно, заштедувате во однос на Сон за добра опција на друга позиција, второ, игра веднаш зад Хари Кејн, и трето, она што е најважно, останува отворено прашањето каква ќе биде идејата на Жозе Мурињо со Мет Доерти, еден од најдобрите бекови во Премиерлигата кој во Тотнем дојде од редовите на Вулверхемптон, а иако се води како дефанзивец, сепак, во реалноста го гледаме во средината како десно крило.

Токму околу Доерти се поставува прашањето што со него, дали би значело дека за Серж Орие повеќе нема место во тимот на „Спарси“, па Доерти би го зазел неговото место на десната бековска позиција, или Ирецот би играл нешто понапред од тоа, па доколку е така, целата игра на Тотнем би се сведела на напади токму од таа страна, спротивно од онаа на Сон.

Мошне изненадувачка беше реакцијата на Арсенал да го ангажира Вилијан (8), тој беше најзаслужен што Челси ланската сезона ја заврши во топ четирите екипи, а запиша девет погодоци и исто толку и асистенции, дополнително освои десет бода од исто толку клин-шита.

Искусниот Бразилец кој важи за одличен креатор на играта може да донесе голема свежина во играта на „Топчиите“, познато е дека е вешт изведувач на прекините, особено слободните удари.

Вилфред Заха (7) делува повеќе мотивиран од било кога, барем ако ги проследиме неговите перформанси во подгототвителниот период на Кристал Палас за новата сезона, каде постигна три погодоци, а тоа што е најинтересно, е фактот што клубот од Лондон има само две потешки пресметки во дури 13 кола.

Името на Матеус Переира (6) од ВБА можеби на некои не им значи ништо, меѓутоа, овој 24 годишен Бразилец беше вистински мотор за повратникот во Премиерлигата лани во Чемпионшип дивизијата, постигнувајќи осум погодоци, а истовремено и дури 16 асистенции.

Вешт изведувач на слободни удари, одлична техника зад себе, а воедно и фудбалер кој ветува многу во однос на ѕвездите во сенка во новата сезона.

КОД ЗА ВЛЕЗ ВО ЛИГАТА НА „24ФУДБАЛ“: unckad

Александар Митровиќ (6) од Фулам е мошне познат на натпреварувачите во Фантази Премиерлигата, во сезоната 2018/19 успеа да постигне 11 погодоци, а воедно да додаде и 4 асистенции, беше мошне привлечен за натпреварувачите, а станува збор и за прв пеналџија во составот на Скот Паркер.

Инаку, Митровиќ со 26 погодоци ланската сезона беше прв стрелец во Чемпионшип дивизијата, што статистички вели дека Србинот учествувал во дури 41% од погодоците на својот тим, што беше најдобар учинок на поединец од таа дивизија.


Српскиот напаѓач има одличен распоред до 9. коло, дотогаш ќе се сретне со Арсенал, Вумверхемптон и Шефилд Јунајтед, па може да се напомене и Евертон, останатите се противници по мерка за Србинот.

Велат дека големото засилување за Лидс во нападот, Родриго (6) може во целост да ја промени играта на легендарниот клуб од „Еланд Роуд“, секако во позитивна насока на зборот, а шпанскиот репрезентативец ќе тргне во првото коло со гостувањето кај актуелниот првак во Премиерлигата, Ливерпул.

Големи се очекувањата Марсело Биелса во новата сезона да игра со еден напаѓач во формациската поставеност на Лидс, а тоа би бил токму Родриго.


>>> Во следната анализа ќе читате: Балансиран тим со можност за ротација по потреба